Спасовски: За една година криминалот го намаливме за 10.8 проценти

Стратешкиот план на Министерството за внатрешни работи е намалување на криминалитетот, а состојбата во Република Северна Македонија може да се оцени како мирна и стабилна, без тенденција да се влошува, истакна министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски, во гостување на МТВ.

Како што подвлече Спасовски, ако се спореди периодот јануари-јули 2020 година со истиот тој период во 2021 година, ќе се види дека криминалитетот се намалил за 10.8 проценти. Според анализите на МВР, додаде тој, стапката на криминал на 100 илјади жители сега е 569 дела, а лани во иститот период била 630 дела. Според Спасовски, тоа е показател за  зголемената проактивност на полицијата.

Спасовски истакна и дека има и намалување на криминалот поврзан со дрога и наркотични средства, оружје, илегалната миграција, како и потрагите по потерници, но има и, рече, добри резултатите на полицијата.

„Има навистина добри резултати на полицијата. Во овој период се сузбија две криминални групи со 16 члена и 8 меѓународни транспорти на дрога, од јануари до јули откриени се 77 кривични дела со 84 сторители во однос на поседувањето и трговија со нелегално оружје“, подвлече министерот за внатрешни работи.

Во поглед на илегалната миграција, тој посочи дека откриена е 13-члена организирана група која во подолг временски период илегално пренесувала мигранти од Блискиот исток преку Грција во Македонија.

„Ваквите акции, кои постојано траат, го јакнат кредибилитетот на државата, затоа што низ западно-балканската рута нашата земја е веќе обележана како земја каде тешко се поминува, значи веќе не е атрактивна за нелегално преминување. Од 2015 година спроведуваме полициска акција на јужната граница, каде се работи организирано со земји од ЕУ и со колеги од различни земји, и тоа дава резултати“, рече Спасовски.

Спасовски особено ги потенцираше успесите на оперативната група на МВР, која ја спроведува, како што рече, стратешката цел да се пронајдат и изведат пред правда сите лица кои се бараат по централни и меѓународни потерници.

„Во изминатиот период 251 лице е лишено од слобода, а досега од септември 2020 година 479 лица се уапсени барани по централни и меѓународни потерници, од кои 50-тина лица се топ приоритет на МВР и на државата или се бараат повеќе години. Пред десетина дена имаше апсење на лице кое се криело 17 години, заслужува и внимание и признание оперативната група“, оцени министерот.

- Реклама -