МТСП: Пензионерите со јулската пензија добиваат зголемени пензии за 1.2%, се усогласуваат со порастот на трошоците за живот

Пензионерите со јулската пензија ќе добиваат поголема пензија по основ на усогласување на пензијата со порастот на трошоците за живот, кој во првото полугодие од 2021 година (период: јануари-јуни 2021 година), во однос на второто полугодие од 2020 година (период: јули-декември) изнесува 1.2%, информира Министерството за труд и социјална политика.

Зголемувањето на пензијата во номинална вредност изнесува 188 денари на ниво на просечна пензија и 125 денари на ниво на најниска пензија, се прецизира во соопштението.

Од МТСП потсетуваат дека редовното законско усогласување на пензијата се врши два пати во годината – од 1 јануари и 1 јули секоја година, според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, а заради одржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата. Почнувајќи од 2019 година, покрај редовното усогласување се предвидува и дополнително усогласување во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4%.

Покрај овие два начини на усогласување, од 2020 година врз основа на одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, може да се изврши уште едно дополнително усогласување во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15% и пораст на просечна плата во претходната година за повеќе од 5%, додаваат од Министерството за труд и социјала.

- Реклама -