Слави Трифонов – лидерот на бугарската „Има таков народ“, која по пребројани речиси 99% од гласовите на парламентарните избори во Бугарија има минимална предност од само пар илјади гласови пред ГЕРБ на Бојко Борисов, денеска, освен што најави формирање влада, најави и дека ќе испрати Македонец во вселената. Или поточно, со зборовите на Трифонов, ќе испрати „северномакедонски астронаут“.
„Ќе поднесеме апликација за членство на Бугарија во Европската вселенска агенција (EVA), затоа што само Бугарија не членува таму. Ќе направам сѐ што е возможно да испратам маж и жена кои ќе бидат првите бугарски астронаути во НАСА. Ќе направам сѐ што е возможно кон нив да се приклучи и еден северномакедонски астронаут. За да не гледаме надолу во земјата од срам, туку да почнеме да гледаме нагоре кон ѕвездите“, рече Трифонов.
Неговиот политички опонент – поранешниот премиер Бојко Борисов, не криеше дека ваквата изјава ја смета за несериозна. „Бугарин и северномакедонец во вселената“, според него, е одличен рецепт за започнување на „Војна на ѕвездите“. Шегувајќи се, тој исткана дека ГЕРБ, за разлика од Има таков народ, не се занимава само со НАСА и астронаути.