Каракачанов со одговор до МНР: Охрид е една од најславните престолнини на Бугарија, бугарската азбука и бугарската црква

Откако коалицијата „Бугарски патриоти“ предводена од ВМРО-БНД (Бугарско национално движење) објави предизборен спот во кој се појавува и кадар од Охрид, а македонското МНР во реакција ја повика официјална Софија да се огради од искажаните ставови во него, претседателот на партијата – Красимир Каракачанов, денеска со уште повеќе провокации во одговор до македонското МНР.

„Разбирам дека МНР на Македонија се вонземирило од предизборниот клип на Бугарските патриоти и во него виделе искажување на територијални претензии поради кадар на Охрид проследен со зборовите ‘За споменот и бугарштината’.

Само да Ви кажам нешто важно. Да, ние ја браниме бугарштината, зашто во Охрид и насекаде од Македонија има наши браќа и сестри. Чесни и достојни луѓе кои, и покрај репресиите, гордо се нарекуваат бугари“, пишува Каракачанов на Фејсбук.

Цитирајќи го делот од реакцијата на МНР дека видеото не е во духот на пријателството и европските вредности, Каракачанов одговара дека Охрид е една од најславните престолнини на Бугарија, но и на Цар Самуил, бугарската азбука, па дури и бугарската православна црква (преку Охридската архиепископија).

„Гледам дека во последно време сѐ повеќе се интересирате за едностраната коректност кон РС Македонија, додека сѐ повеќе ги избегнувате фактите и историската вистина за нашата заедничка историја.

Затоа, да ви кажам вака. Да, ние од ВМРО го чуваме бугарскиот спомен и ја чуваме бугарштината насекаде по светот. Го чуваме споменот и се сеќаваме дека Охрид е една од најславните престолнини на Бугарија. Го чуваме и споменот на Св. Климент – еден од најголемите просветители и создател на бугарската азбука, која ја дала основата на словенската просвета и книжевност. Го чуваме и споменот на Григор Прличев, кој е бугарски писател, преродбеник и просветител. Го чуваме и споменот на десетиците бугарски преродбеници и војводи, родени и кои го развивале своето дело во интерес на бугарштината, токму во Охрид.

Охрид исто така е и престолнина на бугарскиот цар Самуил. Со тој град е поврзана нашата православна црква преку Охридската архиепископија.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

Ние не сме виновни што почитуваните политичари во Скопје не ја познаваат или поточно се прават дека не ја познаваат историја на својата татковина“, пишува Каракачанов.

Понатаму во постот, како и многупати досега, тој преминува во контра-офанзива со обвинувања за репресии врз Бугарите во Македонија (валидноста оценете ја сами), повторно со случајна или намерна доза на територијални претензии, на пример во делот кога вели дека „Бугарите од Македонија не само што се неразделен дел од заедничката историја“, туку за неговата ВМРО се и „неразделен дел од бугарскиот народ“, но и „од неговата иднина“.

„Така што, господа политичари во Скопје, нешто сте помешале во тоа дека пројавуваме територијални претензии. Ние ја браниме бугарштината, споменот и нашата заедничка историја. Сѐ тоа се нешта кои вие неуморно, со децении по ред, ги потиснувате и се обидувате да ги избришете.

А како ќе одговорите, почитувани чиновници од МНР на Македонија, на информацијата која пристигна до нас, дека луѓе поврзани со службите за безбедност на РС Македонија одново ‘пријателски ги советуваат’ граѓаните од РС Македонија кои се и бугарски граѓани, да не го исползуват своето право на глас на претстојните парламентарни избори во Бугарија?

Најверојатно фактот што на територијата на РС Македонија ќе има 6 изборни секции – во Скопје, Битола, Охрид, Штип, Кавадарци и Струмица за изборите во Бугарија, ви го вклучил црвениот аларм за тревога.

И таа пракса на заплашување и притисоци не е од сега. Таа е од минатите избори. Размислете околу тие факти следниот пат пред да пуштате ноти и гласно да претендирате за вашето право да сте дел од ЕУ.

Ве прашувам, толку ли е страшно бугарските граѓани од РС Македонија да гласаат на територијата на сопствената држава? Тоа е прашање на кое треба да дадете одговор токму вие – политичарите од Скопје, пред да поттикнувате, уште еднаш, антибугарско расположение“, завршува Каракачанов.

- Реклама -