Со 10 гласа „за“, Судскиот совет денеска го разрешил судијата Горан Бошевски, кој го водеше предметот на поранешното СЈО познат како „Траекторија“, во кој беше обвинет но му застаре делото на поранешниот премиер на државата – Никола Груевски, дознаваат медиумите.
Како што стои во соопштението, судијата (чие име не го потврдуваат додека одлуката не ја потврди Врховниот суд, а до кој разрешениот судија има право на жалба) е разрешен бидејќи Судскиот совет утврдил „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“. Со одлуката, тој и времено (до правосилност на одлуката) е отстранет од вршењето на судиската функција.
Бошевски го водеше судењето за кинеските автопати кое почна во декември 2017 година и сѐ уште нема завршница, а во кое, по две години од почетокот, му застаре делото на Груевски кој беше обвинет за „примање награда за противзаконито влијание“. Со разрешувањето на судијата, предметот ќе добие нов судија и процесот формално ќе почне од почеток.
Но, Бошевски, како втор судија, досега беше дел и од судечкиот совет за случајот „Талир 1“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Со неговото разрешување, одново ќе почне и судењето за овој случај, исто така отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство. И во овој случај, еден од обвинетите е Никола Груевски.
Покрај Груевски, во „Траекторија“ обвинети се и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски – Миле Јанакиески, и поранешниот директор на ЈП за државни патишта – Љупчо Георгиевски.
Во „Талир 1“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и ВМРО-ДПМНЕ како правен субјект, како и првично и Елизабета Чингаровска која призна вина и се спогоди со СЈО и доби условна казна затвор.