Рикер за ВМРО-ДПМНЕ и договорот со Грција: Договорот од Преспа е завршена работа

Фото: 360 степени

„Ние сме многу горди што ја имаме Северна Македонија како сојузник и мислам дека тоа симболизира колку, всушност, напреднала земјата во овој период“, изјави во интервју за „360 степени“ помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија – Филип Рикер, додавајќи дека има уште многу да се направи и дека луѓето се охрабрени и сакаат да видат дополнителни реформи и развој, притоа уверувајќи дека ја имаме поддршката од САД заедно со многу европски партнери.

Како што оцени Рикер, Преспанскиот договор е исклучително постигнување и вистински пример за храбра и прагматична дипломатија.

Прашан дали ЕУ и САД направиле доволно во контекст на отстранување на блокадата од Бугарија, Рикер рече дека и САД, но и многу ЕУ членки, јасно ѝ ја ставиле до знаење на Бугарија својата позиција, потенцирајќи дека земјава има голема поддршка, што, како што рече, се виде и од Преспа форумот за дијалог.

Во однос на корупцијата, Рикер оцени дека најважните пораки доаѓаат од самите граѓани, кои сакаат да бираат претставници на кои можат да сметаат дека ќе испорачаат. „Тоа е предизвикот во секоја демократија. Претседателот Бајден беше многу јасен дека борбата против корупцијата, зборувајќи јасно и гласно за добро управување, ќе бидат главни теми во надворешната политика на САД“, истакна помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија.

„Но, претседателот се фокусираше на ковид и во меѓународната политика се фокусира на поправање на некои од нашите односи, ревитализирање на нашите сојузи и тоа го вклучува, дури и за време на ковид, осигурувањето членството на Северна Македонија да стане реалност. Бев многу почестен што бев дел од тимот што ги прифати документите со кои Северна Македонија стана 30. членка на НАТО“, додаде Рикер.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

Во контекст на Преспанскиот договор, тој беше прашан и за улогата и однесувањето на најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ во однос на самиот договор. Договорот од Преспа е завршена работа, подвлече тој.

„Договорот од Преспа е завршена работа и ние овде, многумина од меѓународната заедница, дојдовме во Охрид за да ја прославиме и истакнеме важноста на Преспа и што претставува тоа. Направи значајни разлика, не само со тоа што отстрани препреки на патот, туку и што овозможи да се зголеми соработката во регионот, придонесе за енергетска сигурност, за трговија, за инвестиции. Ова е уште едно долго поглавје, но со големи можности. Само погледнете ги одличните односи меѓу Северна Македонија и Грција кои се развија во сите сфери, од одбраната и безбедноста, како сојузници, до економските можности. Тоа ќе станува уште поважно како излегуваме од ковид, фокусирајќи се на економското закрепнување, фокусирајќи се на ланците на снабдување, на отпорноста. Тоа е иднината. Да се напредува и да не се гледа назад. Да се работи заедно. Не станува збор за партиски позиции и идеологии туку придвижување на земјата напред заедно“, рече Рикер. Целото интервју прочитајте/погледнете го ТУКА.

- Реклама -