Коце Трајановски потенцијален противкандидат на Петре Шилегов за градоначалник на Скопје

Најдоцна до средината на овој месец, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги соопшти имињата на дел од своите кандидати за претстојните локални избори – истакна денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Тој посочи дека во текот на следната недела ќе има Извршен комитет на партијата на кој веројатно ќе биде потврдено уште некое име, па на тематската прес-конференција може да бидат соопштени и повеќе од 15 кандидати.

„Се работи за комплетно нови имиња, познати за жителите на општините од кои доаѓаат, а кои првпат се кандидираат за политичка функција“, истакна Мицкоски, посочувајќи дека едно од имињата што се мери на внатрепартиските анкети е и Коце Трајановски, поради својата, како што рече лидерот на партијата, исклучителна успешност како градоначалник во минатото (прво на општина Гази Баба, а потоа и на Скопје, сѐ до поразот од Петре Шилегов во 2017 година).

Прочитајте и:  Мицкоски: Договорот меѓу „Хеј“ и Државна лотарија е основа за покренување кривична постапка

„Има многу кандидати кои би можеле да бидат успешни и победници во дуелот со Шилегов, но ние сакаме победата да биде најубедлива досега и знак дека времето на политичките измамници е минато“, потенцира Мицкоски.

Тој исто така потврди и дека се преговара за коалиција, но не само со албански, туку и со српски, бошњачки, турски и други. Наскоро, истакна тој, ќе бидат познаи и политичките партии кои ќе ги поддржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна, уште еднаш, и дека очекува убедлива победа во 15-те општини во кои ќе се тркаат посочените кандидати. Според него, токму ВМРО-ДПМНЕ е фаворит на локалните избори, а СДСМ може да победи единствено со полнење на кутии.

- Реклама -