Стојков: Огромен срам ќе биде било која влада да ги прифати барањата на Бугарија за „малцинските претензии“

Огромен срам ќе биде доколку било која влада би ги прифатила барањата на Бугарија за непостоење на основи за македонско малцинство во таа земја, бидејќи ниту една влада не смее, во нивно име, да одлучува дали тие луѓе постојат или не, изјави Стојко Стојков од здружението „ОМО Илинден Пирин“, во изјава за „ТВ24“.

„Македонија многу пати кажала дека малцински претензии. Бугарија бара Македонија и официјално да изјави дека не постојат никакви етнички, демографски, историски или било какви основи за воопшто да се мисли дека такво (македонско) малцинство може да постои во Бугарија. Е тоа го бара Бугарија, што е многу повеќе од откажување од малцински претензии“, вели Стојков.

Тој оценува дека она што го прави Бугарија е огромен срам и дека во нејзиниот срам сака да ја вовлече и Македонија.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

„На крајот, тоа е одлука на Македонија, но ќе биде огромен срам за било која влада што ќе прифати такво нешто. И тоа не само чисто од македонска гледна точка, меѓутоа и од чисто човечка гледна точка; бидејќи ниту една влада во светот нема право да одлучува од името на луѓето за тоа дали постојат или не постојат. Тоа би било голем срам. Голем срам е за Бугарија што го прави тоа и сега таа сака во тој нејзин срам да ја вовлече и Македонија“, категоричен е лидерот на „ОМО Илинден – Пирин“.

- Реклама -