На денешната собраниска седница за пратенички прашања, премиерот Зоран Заев ја објасни, како што рече, целосно суштината на разговорите со Бугарија. Истите, потенцираше, се базирани на португалскиот предлог, доставен и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту оваа Влада, ниту која било идна влада, не смее да разговара за македонскиот јазик и идентитет и тоа е впрочем потврдено. Во Бугарија разговаравме за патоказ, кој стои како предлог во португалското решение на проблемот, каде една од обврските е Северна Македонија да достави патоказ до Бугарија. Во тој патоказ се опишани сите области на соработка, со конкретни датуми за реализација и одговорни институции. Тоа се придобивки и за македонскиот и за бугарскиот народ. Со тоа се гарантира интензитетот и поголемиот фокус на изградба на инфраструктура: патна и железничка, отворање гранични премини, подобра соработка помеѓу институциите.
Вториот дел на кој се осврнува патоказот е интензитетот на состанување на историско-образовната комисија. На едно место каде се спомнува македонскиот јазик, јасно и отворено стои дека се работи за два слични, но различни и меѓународно признати јазици. Нашиот јазик е сличен и со српскиот, и со хрватскиот, и со црногорскиот, и со бошњачкиот, и со бугарскиот или со многу други јазици, кои се од јужнословенската група на јазици, но се различни и се меѓународно признати.
Во предлогот на португалското претседателство стои чисто дека во преговарачката рамка, преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик. Имало земји кај кои пишувало ‘на официјалниот јазик’, ‘на службениот јазик’ или сл. Имаме такви земји и од соседството. Нашата борба беше да има чист ‘македонски јазик’. И тоа стои во преговарачката рамка. И ќе стои сè додека Европа е Европа, сè додека Европа води грижа за своите и за идентитетите на земјите кандидатки, затоа што тоа е нашиот идентитет. Тоа е борба за македонскиот идентитет и јазик“, рече Заев.