Маричиќ: Блокадата од Бугарија е затоа што ЕУ сакаше целото законодавство да го преведе на македонски јазик

„Причината за реакцијата на Бугарија е предлогот на ЕУ целото европско законодавство да се преведе на македонски јазик“, изјави министерот за правда и секретарот за меѓународна соработка на СДСМ – Бојан Маричиќ, во „24 анализа“ на ТВ24.

„Тоа беше нашата битка, интерес на Северна Македонија и наша победа во тој момент. Тоа беше причина Бугарија да ја издаде декларацијата во Собранието“, рече тој.

Во гостувањето, Маричиќ дебатираше со секретарот за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ – Влатко Ѓорчев, при што посочи дека опозициската партија знае да понуди само лажни вести, блокади и бојкот и затоа нивната поддршка опаѓа.

„ВМРО-ДПМНЕ ја остави Македонија како заробена држава, потврдено во европските извештаи. Во последните четири години сите извештаи се позитивни и сите препораки се чисти за почеток на преговорите. Јасно е дека поради билатералниот проблем со Бугарија не можеме да ги почнеме преговорите“, истакна министерот.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Како што тврди тој, на СДСМ, кога дојде на власт, биле потребни 6 месеци да ја воспостви комуникацијата со европските и светските земји и институции.

„Од сите адреси низ Европа и светот ни кажааа дека биле лажени со години за состојбата во државата и желбата да се решат споровите. Ние тргнавме да ја извлекуваме државата од калта на ВМРО-ДПМНЕ и ја направивме членка на НАТО. Знаевме под кои услови можевме да станеме членка на НАТО“, рече Маричиќ.

Во однос на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, тој е категоричен дека тие никогаш не биле на маса, дури ни во преговорите со Грција.

- Реклама -