Бугарското вето не е изненадување иако се очекувала некаква фразеологија што ќе навести кревање на рампата во следната прилика, но она што изненадило е португалското претседателство со својот ангажман за решавање на спорот, изјави политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, во „24 анализа“ на ТВ24.
Со денешната потврда на ветото стереотипите продолжуваат, а Бугарија, и покрај тоа што го чувствува притисокот и од европски земји кои до скоро беа порезервирани, продолжува „да се вади“ на декларацијата на бугарскиот Парламентот и на тоа што има техничка влада.
Според Рамадани, бугарските политички партии треба да покажат повеќе сенс, а кревањето на ветото треба да влезе во предизборната политичка понуда:
„Треба некоја од партиите да проба уште во предизборната кампања да кажат дека ќе ја кренат рампата и ветото и ќе ги уредат односите со Македонија. Партиите кои беа радикални во однос на нас не поминаа добро на изборите, почнувајќи од партиите на Борисов, ГЕРБ и ВМРО-БНД на Каракачанов“, аргументира Рамадани.