Тренчевска: Во време на пандемија покажавме што значи да се грижиш за секој граѓанин, за секоја компанија, за секое работно место

„Во време на пандемија покажавме што значи да се грижиш за секој граѓанин, за секоја компанија, за секое работно место“, истакна Јована Тренчевска – член на Извршниот одбор на СДСМ, на вчерашната граѓанска трибина под слоганот „Најдоброто за нашата општина“, во Прилеп, потсетувајќи дека Владата, преку социјален дијалог, креираше шест пакети економски мерки вредни една 1 милијарда и 260 милиони евра, кои, како што рече, на транспарентен и инклузивен начин беа насочени согласно потребите на работниците и работодавачите.

Според Тренчевска, со овие мерки Владата, за време на ковид-кризата, успеала да спаси 100 илјади работни места и да ја задржи еконоската стабилност во државата.

Тренчевска не заборави да го посочи ниту зголемувањето на минималната и просечната плата, но ниту намалувањето на невработеноста.

„Градиме еднакво општество за сите, го враќаме достоинството. Ја зголемивме минималната плата на 15.200 денари, која во 2017 изнесуваше само 9.000 денари. Ја израмнивме минималната плата и ја запревме дискриминацијата кон вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, кои добиваа плати пониски од законскиот минимум. Минималната плата денеска изнесува 54% од просечната плата“, потенцираше Тренчевска.

Прочитајте и:  СДСМ поднесе закон за укинување на ДДВ-то за прехранбените производи

Освен минималната, постојано расте и просечната плата, која според последните податоци изнесува 28.000 денари, а просечната плата во здравството е зголемена за 4.700 денари, додаде таа.

Во однос на невработеноста, и покрај пандемијата, стапката е на најниско ниво досега, односно падна на 16%, истакна Тренчевска. Таа потсети дека во 2017 година оваа стапка изнесуваше 22.4%, а на крајот на 2020 година таа е 16.4%.

„Се бориме со невработеноста и со оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги за пазарот на трудот. Со вкупен буџет од околу 24.5 милиони евра, овогодинешниот Оперативен план ќе го зајакне и поддржи пазарот на трудот во земјава за надминување на последиците од Ковид кризата. Со него ќе бидат опфатени 10.279 лица“, порача таа.

- Реклама -