Заев: Португалскиот предлог нуди решение, Бугарија и ЕУ да ги исполнат очекувањата на граѓаните

Перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија, била во фокусот на денешната средба со претседателот на Бугарија – Румен Радев, на завршницата на Самитот на НАТО во Брисел, информира премиерот Зоран Заев, во разговор за „Телма“.

Како што истакна Заев, Радев ја подвлекол принципиелната и континуирана поддршка за иднината на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кој ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи, како и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји.

Премиерот Заев, пак, истакна дека билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и размената на кадети меѓу двете земји, но и економските придобивки од португалскиот предлог, се едни од најважните цели кои двете земји треба да ги спроведат во иднина.

„Разговаравме со Радев, не смееме да ги креваме очекувањата бидејќи се работи за техничка влада, услови во кои нема парламент во Бугарија и не очекувам нешто драматично да се случи, но многу е важно да правиме сѐ, особено поради поддршката што ја имаме од светските демократски лидери. Но важно е да се знае дека со Бугарија имаме билатерален проблем кој мора билатерално да го решаваме и верувам дека ќе бидеме доволно мудри и пред сѐ одговорни, двете страни, не зборувам само за нашата страна, затоа што сум убеден дека како што е аспирација на нашата страна да се членува во ЕУ и цел е и градење на пријателски односи со сите наши соседи вклучително Бугарија и бугарскиот народ, тврдам дека тоа е и обратно и верувам дека за овој сосед исто така е желба Северна Македонија да продолжи на европскиот пат, затоа што тоа носи преидобивки за двете земји“, рече Заев.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Премиерот додаде дека очекува храброст и европско лидерство, но и дека не треба да се откажеме од евроспкиот пат поради ова прашање, бидејќи сите аргументи се на страна на Република Северна Македонија во постигнувањето на решение.

- Реклама -