„Десничарските и крајно десничарските весници го поддржуваат, по повод Европското првенство во фудбал 2021 година, најекстремниот национализам во круговите во Северна Македонија, станувајќи негов наследник“, пишува поранешниот министер за надворешни работи на Грција и потписник на Преспанскиот договор – Никос Коѕијас, кој викендов побара актуелната грчка Влада да изврши притисок за промена на името на Фудбалската федерација на Македонија. За разлика од шефот на македонската дипломатија – Бујар Османи, Коѕијас смета дека Преспанскиот договор и тоа како ја обврзува ФФМ.
„Можеби на ЕУРО 2020 нивната фудбалска репрезентација ја претставува нивната Федерација, но оваа Федерација не е без татковина, не работи надвор од место и време. Тоа е фудбалска федерација во одредена држава и е поврзана со неа“, пишува Коѕијас на Фејсбук, потенцирајќи дека УЕФА како свои членки прифаќа само Федерации од признати држави и, според тоа, не би можела да прифати Федерација на, како што вели, „непостоечка држава“ како што е „Македонија“.
„Државата што навистина постои е Република Северна Македонија“, додава тој.
Аргументирајќи дека ФФМ е очигледно поврзана со државата, Коѕијас им порача на сите одговорни во државава внимателно да го прочитаат став 3 од член 1 на Преспанскиот договор.
„Фудбалската федерација на Северна Македонија е поврзана со државата Северна Македонија, а не со некоја трета страна. Ниту, пак, е Федерација на земја без држава. Освен тоа, без државата Северна Македонија таа не би учествувала на Европското првенство. Сепак, Фудбалската федерација на Македонија не е заштитен бренд, како што тврдат некои луѓе. Напротив, од овој аспект, тоа спаѓа во одредбите од Преспанскиот за задолжително внесување на ‘земја на потекло’ “, пишува Коѕијас.