„Србин му ја опцу мајката на фудбалерот Албанец – писмо до УЕФА за негово исклучување“. Со ваков наслов новинската агенција на албански јазик – Илирија (ИНА) денеска објави дека албанската дијаспора, преку писмо до УЕФА, побарала исклучување од ЕП на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ, кој има српско потекло, за навредите што вчера на мечот против Македонија ги упати кон нашиот репрезентативец Езџан Алиоски, пренесува „Плусинфо“.
Според Здружението на албански печалбари во земјите на ЕУ, Арнаутовиќ тешко го навредил Алиоски пцуејќи му ја „албанската мајка“ и затоа треба да се казни според правилата на УЕФА кои се однесуваат на расизмот.
„Бевме сведоци на искажување расизам на еден играч на Австрија упатено кон играчот на Македонија! Станува збор за Марко Арнаутовиќ, кој ја навреди албанската мајка на играчот од Македонија, Алиоски. Бараме овој играч – расист да биде исклучен од следните натпревари, а Австрија да се казни со глоба според правилата на УЕФА, кои се однесуваат на расизмот. Веруваме во паролата ‘НЕ НА РАСИЗМОТ ВО ИГРАТА!’ “, се вели во писмото, цитира ИНА.
Оние што го следеа мечот, веројатно забележаа дека Арнаутовиќ, уште додека чекаше да биде заменет покрај аут линијата, делуваше како да се подготвува за тепачка, а не за фудбал. Веќе во следните минути, камерата неколкупати го улови како заканувачки гестикулира и луто се обраќа кон некој на теренот. Тоа кулминираше кога Арнаутовиќ го постигна третиот гол за Австрија, но овојпат беше јасно дека заканите се однесуваат на Алиоски. На австрискиот репрезентативец му беше поважно да му се сврти на Алиоски отколку да го прослави голот, а дека зборовите што му ги упати не припаѓаат на фудбалски терен и можат да доведат до последици беше јасно и од реакцијата на капитенот Алаба, кој дотрча за да го грабне Арнаутовиќ за вилицата, буквално обидувајќи се да му ја затвори устата и така го истурка надвор од теренот за да се смири.
По таквото вчерашно издание, австрискиот фудбалер денеска во поинакво светло.
„Имаше некои вжештени зборови вчера поради емоциите во мечот поради кои би сакал ДА СЕ ИЗВИНАМ – особено на моите пријатели од Северна Македонија и Албанија.
Би сакал да кажам само едно нешто многу јасно: ЈАС НЕ СУМ РАСИСТ! Имам пријатели во речиси секоја земја и се залагам за диверзитет. Секој што ме знае го знае ова“, напиша Арнаутовиќ на Инстаграм, додавајќи уште едно „Извинете“, овојпат на македонски и на албански јазик.