Андоновска: Ако еднаш сте се пријавиле на „vakcinacija.mk“, не се пријавувајте повторно! Системот ја евидентира само последната дата

Како сѐ друго во здравствениот систем откако Венко Филипче е на власт, така и системот за електронско пријавување на вакцинација не функционира, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сѐ уште луѓе над 60 години и луѓе со хронични заболувања чекаат да бидат повикани за вакцинирање, иако се уредно пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а една од причините (покрај, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, сериозниот недостаток на вакцини и нивното доцнење – поради што многу луѓе го изгубија животот, како и хаосот со изоставувањето на одредени групи граѓани кои не беа вклучени како приоритетни) е начинот на кој функционира системот, а за кој граѓаните не биле известени, иако тоа не смеело да се случи, истакна денеска пратеничката од опозицијата – Марија Андоновска.

 

„Цениме дека граѓаните треба да бидат известени како функционира системот за електронско пријавување за имунизација.

Ако сте веќе еднаш пријавени на vakcinacija.mk, не се пријавувајте повторно, затоа што според кажувањата на одговорното лице од одделот за електронско пријавување, што како одговор го добивме јавувајќи се на бројот 0215444, се евидентира само датата на вашата последна регистрација на сајтот!

Што значи ако сте се пријавиле во април месец па потоа во јуни, системот ќе го евидентира вашето последно пријавување, односно она што сте го направиле во јуни месец“, посочи Андоновска.

Прочитајте и:  Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се секогаш подготвени, вели Мицкоски

Од министерството за здравство направија пресек и соопштија дека ќе се вакцинираат лица кои се пријавиле до 30 април годинава. Но, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, има луѓе над 60 години кои и пред 30 април, по неколку пати се пријавени, а сѐ уште чекаат да бидат повикани на вакцинирање.

Нормално е, рече Андоновска, луѓето, ако не добиле термин, да се пријават повторно со очекување дека можеби ќе бидат повикани поскоро. Тоа што не биле информирани за начинот на кој, според неа, работи системот, е  крајно несериозен пристап на МЗ и министерот Венко Филипче.

Граѓаните се тие кои треба да се информирани и кои треба да знаат сѐ. Никој од надлежните досега ги нема известено за ова граѓаните. Ова е крајно несериозен пристап на министерството и министерот за здравство Венко Филипче. Ова е срамно! Ова е уште еден доказ дека нема никаков ред и дека никој не мисли за граѓаните, а посебно не мислат одговорните, Заев и Филипче!“, обвини Андоновска.

 

 

- Реклама -