По повеќе од една година, Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести, дозволи одржување на свадби, но со почитување на соодветен протокол. Протоколот, објавен денеска, има дури 25 правила кои, за волја на вистината, доколку се почитуваат, шансите да фатите ковид ви се минимални (шансите да си фатите партнер/ка, за еден ден и вие да се омажите/ожените, ви се уште помали).
Микробиологот Никола Пановски, меѓутоа, се чини дека уште од сам старт е убеден дека овие протоколи нема да се почитуваат. Според него, свадбите, односно бројките на новозаразени кои ќе произлезат од нив, ќе покажат дали населението има колективен имунитет против ковид-19.
Во разговор со „Локално“, на тема како свадбите да се направат побезбедни, Пановски вели:
„Треба да се внимава на хигиена на рацете, да не се користи ист прибор. Посебно внимание треба при посета на тоалетите, во тие случаи треба да се носи маска. Сѐ останато е на совеста на гостите, дали ќе се прегрнуваат, бакнуваат, итн. Се разбира дека и алкохолот ќе влијае на попуштање на дисциплината.
Во секој случај ова ќе биде проверка колкав е нашиот колективен имунитет“, смета микробиологот.