Република Македонија треба безусловно да започне преговори за влез во ЕУ уште во јуни. Тоа не е нешто што Македонија го бара како милостина, туку тоа го заслужува, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, денеска во Прилеп.
„Република Македонија е една од земјите што направи најголем број отстапки и доживеа незаслужени понижувања во однос на националниот идентитет и токму поради тоа Европската унија треба да има во предвид дека нашата држава заслужува членство во ЕУ ден поскоро. Ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ треба да го знаат сите во администрацијата во Брисел, како и Европскиот совет“, порача Мицкоски.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку Владата изминатите неколку години работела на вистински реформи во правосудството, здравството, образованието, економијата, денес Република Македонија ќе имала уште поголем број аргументи на своја страна во преговорите со ЕУ.
„Поради тоа што Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ ја урниса државата и ги клекна на колена образованието, здравството, економијата и целото општество, сега притисокот е директно врз нив и од нив се очекува да престанат со националната распродажба и расфрлањето на историјата на Република Македонија“, рече Мицкоски.
Тој му порача на премиерот Заев да не си поигрува со идентитетот на граѓаните и да не се обидува повторно да потпишува договори и преговори во кои макар и во една реченица ќе се негира македонскиот идентитет и постоењето на македонската историја, бидејќи, како што предупреди Мицкоски, тогаш капитулацијата ќе биде дефинитивно потпишана, а оттаму враќање нема.
Лидерот на најголемата опозициска партија подвлече дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да почитува такви договори. Ако е потребно, рече, таа Влада еднострано ќе го напушти таквиот договор, без оглед на политичките реперкусии врз ВМРО-ДПМНЕ или врз него лично. Тоа, додаде, нека го знаат и бугарските власти.
„Ние нема да прифатиме отстапување на никакви дополнителни национални концесии, ВМРО-ДПМНЕ е дециден во однос на ваквиот став“, потенцира Мицкоски.