Сите ученици од прво до четврто одделение на територијата на Градот Белград ќе добијат таблети од кои ќе можат да учат во новата учебна година од 1 септември, најави заменик градоначалникот Горан Весиќ во гостување на ТВ „Пинк“, пренесува „Локално“.
Како што соопшти Весиќ, Белград ќе купи 67.592 таблети и секој ќе има картичка со бесплатен Wi-Fi. На тој начин, секое дете ќе има бесплатен интернет дома, без оглед дали нивните родители имаат интернет во станот или не.
„Таблетите ќе се дистрибуираат низ училиштата, родителите ќе ги позајмат, а ќе објавиме конкурс за набавка на дигитални учебници во средината на јуни. Секое дете ќе добие дигитална верзија на учебникот. Купуваме и 6.949 лаптопи за наставници кои работат со тие деца, и секој од нив ќе добие лаптоп за да може да одржува часови со употреба на дигитални учебници“, истакна Весиќ.
Тој посочи дека родителите веќе купуваат многу учебници и затоа ги повика директорите да ги известат родителите на учениците дека децата ќе добијат бесплатни дигитални учебници.
„Тие мораат да го сторат тоа, а секако, на родителите е дали сакаат нивното дете покрај тоа да има и обични учебници. Директорите се должни да ги известат родителите на учениците што купува Градот Белград за нивните деца. Можеби поради тоа, некој ќе реши да не купува учебници, туку неговото дете да учи од дигиталните“, рече Весиќ.