Одлуката на Владата за негово разрешување е избрзана, оцени екс-директорот на Државниот пазарен инспекторат – Стојко Пауновски, во „Анализа“ на „ТВ 24“, во својот прв настап во медиум откако беше сменет од позицијата затоа што одби во институцијата да вработи 35 „рамковни“ административци со несоодветно образование. Како што објасни, досега „молчел“ за да не се интерпретира тоа како политички потег во контекст на конгресот на СДСМ.
Во гостувањето, Пауновски истакна дека немал намера да „пркоси“, како што оцени премиерот Зоран Заев, туку дека неговата цел била да ја заштити институцијата, вработените и државата, и да објасни и посочи зошто Инспекторатот не може да прифати и да го спроведе барањето со еден потег – со вработувањето на 35 лица – да ја зголеми администрацијата за цели 15%. Тој посочи дека уште веднаш реагирале со писмо до повеќе страни, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, но одговор никогаш не добиле.
„Не да се спротивставиме, туку да ја објасниме ситуацијата дека сето тоа не можеме да го спроведеме, зашто не можеме да најдеме место за сите тие луѓе. Она што ни беше најтешко да прифатиме е да менуваме систематизација за да прифатиме и детективи да ставиме во ДПИ. Затоа одлучивме и разговаравме на највисоко ниво и доставивме писмо уште веднаш по добивањето на сите тие 35 рамковно распоредени лица, до премиерот, видепремиерот, препратено е писмото на сите страни“, рече Пауновски.
Тој потсети и дека 6 години и додека бил пратеник на СДСМ, од говорницата критикувал дека 3.500 административци кои седат дома земаат плата.
„Сега јас требаше да бидам тој кој го продолжува тоа и да примам луѓе кои ќе седат дома, а да им давам плата затоа што нема место во местата каде сакаат да бидат сместени“, објасни.
Пауновски посочи и дека кога дошол на позицијата директор, Државниот пазарен инспекторат бележел 800 неправилности (на терен) годишно. Сега, според него, таа бројка изнесува 8.000, што значи дека инспекторите почнале правилно да ја извршуваат својата работа. Поддршката од граѓаните го потврдува тоа, додаде екс-директорот на ДПИ, кој е скромен околу епитетот „херој“ кој му го доделија голем број граѓани, но признава дека го радува нивната поддршка, како и од страна на стопанските комори.
Тој истакна дека откако дошол на позицијата директор на ДПИ, немал примено ниту еден вработен без соодветни квалификации, за разлика од состојбата што ја наследил, кога и теолози и еколози биле вработувани како помлади инспектори. Кога тоа одбиле да го работат, биле прераспоредувани во администрација. Пауновски рече дека за сите тие лица гледал да најде работа.
Притоа, тој ги отфли обвинувањата дека одбивал да прими административци зашто биле Албанци.
„Не сум националист. Живеам и работам со нив и во самиот менаџерски тим имавме и Албанци“, вели Пауновски, посочувајќи дека во повеќе места во државата и до 40% од вработените во ДПИ биле Албанци, а сепак, петицијата за негова поддршка ја потпишале 95% од вработените.
Тој алудираше, индиректно, дека премиерот Заев ќе сфати дека згрешил.
„Некој кога ќе отспие, ќе сфати што направил и ќе сфати дека не бил во право и погрешил. Велам никогаш немој да носиш избрзани одлуки. Ако е приватна партијата, може да ме истераат. Но, јас сум тука од основањето“, рече Пауновски, иако призна дека не го следел Конгресот на СДСМ, затоа што, како што рече, не го интересирало.
Во гоствувањето на „ТВ 24“, тој вети и дека јавно ќе се извини и ќе честита доколку некој успее доделените административци да ги смести на соодветни работни позиции.
„Знам што наследив во 2018, од тогаш низ цела Македонија ги опремивме сите одделенија, направивме институцијата од 19 век да изгледа како европска институција. Во Тетово во 90 квадрати беа сместени 53 луѓе. Сега се 40 луѓе во 400 квадрати во современи услови за да може да работат“, додаде тој.
Од новата в.д. директорка која ја назначи Владата – Анета Симеска-Димоска, Пауновски очекува дека ќе придонесе за понатамошен развој на институцијата, бидејќи како вработена во ДПИ ги знае работите и условите.
Димоска, пак, како што посочува „360 степени“, не била една од потписниците на петицијата за поддршка на Пауновски.