Заев: Бугарија да покаже европска големина и да даде шанса процесот да продолжи

Премиерот Зоран Заев сѐ уште верува дека ќе се најде решение за отворените прашања со Бугарија. Во интервјуто на „МРТ“, тој ги повика бугарскиот претседател Румен Радев и техничката Влада во Софија „да покажат европска големина кон еден од своите први соседи, Северна Македонија“ и да дадат шанса да продолжи процесот за членство во ЕУ. Притоа, Заев потсети на консензуалната одлука на сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, дека сме ги исполниле условите за почеток на преговорите.

Бугарија да продолжи во духот на европските манири и да го сврти повторно вниманието на Европската Унија кон овој регион, повика премиерот.

„Да продолжиме да градиме пријателство, важно е каква историја пишуваме сега, нашите млади луѓе сакаат да ги отвориме вратите и можностите за соработка, а не да бидеме заглавени во минатото“, рече тој.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Заев повтори дека идентитетот и јазикот не може да се предмет на преговори и дека тоа јасно им го порачал во Брисел на сите европски институции и сите членки.

„За идентитетот и јазикот не се преговара. Тоа што треба да го знае нашиот народ е дека Европа должи. Ние испорачавме сѐ. Северна Македонија е земја која најмногу чекала од сите кои што сакаат да го продолжат европскиот пат. Од сите земји што некогаш биле кандидати, а денес се членки или сѐ уште се кандидати, ние чекаме најмногу – 16 години“, потсети Заев, оценувајќи дека без Северна Македонија ќе биде загрозено проширувањето на ЕУ, кое самата таа го прогласи за своја стратешка цел.

- Реклама -