Заев: Нема да има предвремени избори, граѓаните веќе одлучија дека одиме по добар пат

Предвремени парламентарни избори нема да има. Следните парламентарни избори ќе бидат редовни и ќе се одржат во 2024 година, изјави премиерот Зоран Заев во интервју во дневникот на „МРТ“. Според него, поддршката од граѓаните е веќе проверена и затоа Владата треба да го одработи мандатот до крај.

„После сериозни процеси, како што беа уставните измени и новата методологија на ЕУ, ние излеговме на избори за да провериме дали имаме поддршка од граѓаните, дали одиме по добар пат. Граѓаните одлучија дека сме на добар пат и тоа е доволно, имаме мандат 4 години“, рече Заев, додавајќи дека за промена треба да се види резултатот од влада со четиригодишен мандат.

„Северна Македонија пати од предвремени избори. Еднаш треба да одработиме цел мандат за да ги видиме резултатите од Влада со мандат од 4 години. Предвремени избори имаат влијание врз економијата, тоа значи заостанување. А, сите тие договори – од Преспа, со Бугарија – се за економија, за работни места и избор, повисок БДП, Европа да ја донесеме дома“, рече Заев.

- Реклама -