Заев за „Евроњуз“: Одвојување на Албанија и Северна Македонија не е возможно

Не е возможно стремежите кон членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија да бидат одвоени, изјави премиерот Зоран Заев за Euronews.

„Нашиот идентитет, македонскиот јазик, македонскиот идентитет, се свети за нас, како и за секоја друга земја. За нашиот македонски јазик и македонски идентитет не може да се преговара“, рекол премиерот за Euronews денеска во Брисел, пред средбата со претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, на тема бугарското инсистирање „да ги признаеме бугарските корени“.

Во интервјуто за „Евроњуз“, Заев посочува дека Преспанскиот договор ја покажал подготвеноста на земјава на дипломатија. Но, и таа добра војла има граници, предупредил тој.

„Ја имаме нашата гордост и нашиот идентитет. Нашата гордост може да оди нагоре или надоле. Го покажавме тоа преку Преспанскиот договор и со нашата дипломатија и флексибилност.

Но нашиот идентитет е еден и уникатен и не постои можност мојата или некоја друга влада да преговара за тоа. И затоа, не е возможно некоја земја или дури и унија – на која сѐ уште не сме членки, да си игра со тоа.

Од моја страна, не е возможно да има декаплинг или било каков друг развој на настаните или настан од практични причини без да се зборува за Северна Македонија, после сѐ што се случи“, рекол Заев алудирајќи на Преспанскиот договор и имплементацијата на реформите во рамки на подготовките за членство во ЕУ.

Заев истакнува и дека земјава заслужува да влезе во следната фаза од преговарачкиот процес – меѓувладината конференција.

„Очекуваме ЕУ, како целина, сите 27 членки, Европската комисија, да бидат на линија со она што ни го ветија. Тоа беше: ‘Испорачајте, ќе испорачаме и ние’. Ние испорачавме и дупло повеќе и очекуваме и ЕУ да испорача“, вели премиерот за Euronews.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

„Отворени сме за дискусија за било кое прашање кое би можело да биде предмет на преговори за било кој друг. Но прашања како идентитети, како јазици, никогаш не биле на маса во било која фаза од проширувањето на ЕУ со било која земја“, потенцира Зев.

Тој предупредува дека продолжување на блокадата за земјава ќе биде огромен ризик, не само за нас, туку и за Бугарија и за целиот Балкан.

Заев се осврна и на, како што го карактеризира Euronews, „експлозивниот документ“ чие постоење не е потврдено, но кој предлага проширување на границите на Србија, Хрватска и Албанија, со проголтување на делови од соседните Босна, Македонија и Косово. Според него, до вакви нон-пејпери води продолжената блокада и фрустрацијата што настанува како резултат.

„Ние сме комплетно, сите ние, посветени на нашата иднина во ЕУ. Но, сѐ уште постојат екстремни и радикални сили насекаде во и надвор од Балканот кои се многу фокусирани и чекаат шанса за такви непријатни активности“, посочил Заев, додавајќи дека слични такви сили можат да го загрозат и Преспанскиот договор.

„Преспанскиот договор може да се најде на ризик само ако постојат огорчени чувства кај граѓаните на Северна Македонија и целиот регион и ако се појават повеќе причини за национализам и екстремизам, кои се присутни насекаде, особено на Балканот, и можат да го оштетат договорот. Но, ние веруваме дека имаме доволно сила да го заштитиме“, вели премиерот Заев.

- Реклама -