„Евроњуз“: Брисел би можел да притисне за почеток на преговори со Албанија без С. Македонија

Брисел би можел да притисне за да го забрза почетокот на преговорите со Албанија за членство во ЕУ, дури и ако преговорите со Северна Македонија стагнираат, пишува Euronews пренесувајќи го ставот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Напорите на Северна Македонија и Албанија кон членство во ЕУ отсекогаш беа заедно во пакет, со двете нации кои се подготвуваа преговорите да ги започнат паралелно. Но, со блокирањето на Северна Македонија од страна на Бугарија, оваа ситуација би можела да се промени, рекол Вархеји.

„Ако повторно налетаме на потешкотии со Северна Македонија, што значи дека сме биле неуспешни во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија во заедничко прифатливо решение, тогаш прашањето е дали можеме да продолжиме само со Албанија. Ќе мораме да го земеме во предвид тоа прашање“, истакнал еврокомесарот.

Прашан дали и формален „декаплинг“ (раздвојување) е опција, Вархеји вели: „Би можел да биде опција, да“.

Прочитајте и:  Митева: Мора да продолжиме на патот кон ЕУ, тоа е наша стратешка цел и за тоа ќе продолжиме да се бориме

Euronews потсетува дека преговорите на Албанија и Северна Македонија требаше веќе да се започнати, но дека процесот беше блокиран во 2019 година од Франција и Холандија, кои беа „непријателски“ настроени кон примање нови членки од Западниот Балкан.

Сепак, порано месецов, Euronews откри дека Брисел планира нова офанзива за Албанија да се приклучи во блокот, а планот/распоредот би можел да биде дискутиран на меѓувладината конференција во јуни, како што истакна Дитмир Бушати, поранешниот министер за надворешни работи на Албанија.

Вархеји исто така би можел да ги зголеми надежите за крај на застојот кон ЕУ членство и во други држави од Западниот Балкан, со Црна Гора и Србија кои радо гледаат кон напредок во процесот на приклучување во Унијата, додава Euronews.

- Реклама -