Бранко Црвенковски се враќа во политиката со нова партија?

Човекот кој 20 години беше на чело на СДСМ – Бранко Црвенковски, се враќа во политиката, и тоа со нова партија формирана од незадоволни членови на СДСМ. Така барем велат неофицијалните гласини во јавноста, на кои се повикува „ТВ21“.

Од СДСМ ниту потврдуваат, ниту негираат. Прашан за коментар, премиерот Зоран Заев, кој неодамна беше реизбран за претседател на партијата, вели дека во демократско општество секој има право да формира партија. Токму разноликоста на ставовите и размислувањата ја прави СДСМ поразлична и подемократска од сите други партии, посочува тој.

Според „ТВ21“, потврда за политичките потреси во редовите на владејачката партија е тоа што Радмила Шекеринска, по 8 години, се повлекува од функцијата потпретседател на СДСМ, но и несогласувањата со екс-директорот на Државниот пазарен инспекторат – Стојко Пауновски, кого Владата го разреши затоа што не сакаше да прими неквалификувани „рамковни“ административци. Порталот потсетува дека незадоволство има и во општинските совети, поради што членови на СДСМ од Охрид планираат на локалните избори да одат со листи и независни кандидати. Уште еден аргумент за наводните политички разминувања во редовите на владејачката партија, според „ТВ21“ се и несогласувањата на раководството со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој со одлука на општинската конференција веќе нема да биде дел од централниот одбор на партијата.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

За гласините за враќање на Црвенковски, наводно потврдени од неколку извори, во јануари годинава пишуваше и порталот „Фактор“. Црвенковски, пак, тогаш категорично демантираше дека е вклучен во било какви политички активности и порача дека останува на ставот да не ги коментира политичките случувања во земјава, откако претходно, првпат по долги години, го направи токму тоа, по скандалозното интервју на премиерот Заев за бугарската „БГНЕС“, за кое изрази особено силни критики. Сопартијците на Заев тогаш убедливо застанаа на страната на актуелниот претседател на партијата.

- Реклама -