Заев и Филипче донираа крв во Струмица, на одделот реновиран со лична донација од премиерот

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, денеска во Струмица, по повод Денот на трудот – 1 Мај, донираа крв на одделот за трансфузиологија при Општата Болница во Струмица.

„Постапката е многу едноставна, а вработените во Трансфузија се љубезни и пријатни при целиот процес на дарување крв. По дадената согласност, следува здравствена проверка, а потоа во пријатна атмосфера, со почитување на сите мерки за заштита од вирусот Ковид 19, ја завршивме оваа многу лесна постапка. Дарувањето крв може да спаси живот – само со едно ќесе крв може да се подобри здравјето на 3 до 4 пациенти. Бидете хумани, дарувајте крв! Крводарителството е хумана човечка вредност“, порача Филипче.

Со овој чин, министерот и премиерот воедно и ја промовираа новата Служба за трансфузиона медицина при ЈЗУ ОБ Струмица, која по 35 години, со лична донација на Заев (како што соопшти Филипче) е првпат реновирана и рехабилитирана, со што струмичани, според премиерот, добиваат модерен простор по највисоки стандарди за непречено дарување крв.

Како што посочија Заев и Филипче, се работи за целосна рехабилитација на чекалната, амбулантите за преглед и земање крвни примероци, салата за пункција на крводарителите, кујната за освежување на крводарителите, лабораторијата за имунохематолошки анализи, лабораторијата за хемостаза и хемостатски нарушувања, кабинетитет за лекарските специјалисти, собата за дежурство за лаборантите и тоалетите. Реализацијата на проектот е започната на 10 февруари 2020 година и завршена вчера, на 30 април 2021 година.

„Ова е овозможено благодарение на личната донација на премиерот Зоран Заев, за што јас лично и целиот медицински тим сме му благодарни“, истакна Филипче.

На месечно ниво, одделот за трансфузиологија во Општата болница, опслужува помеѓу 150 и 180 пациенти, односно обезбедува исто толку единици крв и крвна плазма за пациентите на болницата. Филипче, воедно, посочува и дека вработените во овој оддел се директно вклучени во борба со пандемијата – во изминатиот период изменаџирани се 1940 пациенти (од кои 1050 пациенти со коагулација на крвта, како резултат од ковид компликации) и организирани се 7 крводарителски акции во вонредни услови, а преку нив се обезбедени 410 крвни единици.

 

- Реклама -