Државниот инспекторат за труд, при вонредниот инспекциски надзор во Собранието на РСМ извршен во понеделникот на 19 април, утврдил дека немало неправилности и прекршување на мерките и протоколите при гласањето во неделата (18 април), кога двајца пратеници од владејачкото мнозинство, позитивни на ковид-19, гласаа во скафандери.
Како што соопштија од Инспекторатот, извршен бил увид во работните простории на Собранието, канцелариите, салите, ходниците, лифтовите, помошните простории, влезовите и излезите. Од таму информираат и дека работодавачот, во случајов Собранието, ги приложил соодветните акти кои се однесуваат на работата на пратениците, вклучително и протоколот за спроведување на гласање на пратеници кои се наоѓаат во домашна самоизолација. Од Инспекторатот велат дека Собранието во целост ги обезбедило мерките предвидени во релевантната регулатива.