Откако срцето на 20-годишната Верица Белчовска од беровско која загина на пешачки премин во Струмица почна да бие во градите на 22-годишно момче, продолжува да се зголемува листата на наши сограѓани кои доживотно ќе му бидат благодарни на нејзиното семејство за тешката но неверојатно хумана одлука да ги донираат нејзините органи.
Како што информираат од Министерството за здравство, претпладнево успешно заврши и првата трансплантација на бубрезите од младата донорка, кои вчера доцна во ноќта биле експлантирани на Клиниката за урологија. Реципиент е 27-годишен пациент. Од министерството велат дека во тек е и втората трансплантација кај 40 годишен пациент со хронична бубрежна болест, кој исто така ќе добие бубрег од починатиот донор.
Од министерството информираат и дека на Клиниката за ортопедски болести рано утрово првпат во историјата на македонското здравство била направена експлантација на коски и коскени ткива од починат донор.
„Откако заврши експлантацијата на срцето и бубрезите, тимот лекари од клиниката експлантираше повеќе делови од коски и меки ткива кои сега веќе се презервирани во Отсекот за експлантација, презервација, складирање и трансплантација на меки и коскени ткива при ЈЗУ ЗА ТОАРИЛУЦ, Универзитетска Клиника за ортопедски болести.
Веќе наредната недела е планирана апликација на еден сегмент од коска кај пациент со метастаза од карцином на бубрег, отстранет пред 12 години“, се наведува во соопштението.
Докторот Виктор Камнар, пак, на социјалните мрежи објави дека ноќеска е завршена првата трансплантација на коскена срж од починат донор – што, како што посочува, е еден од најсложените зафати при трансплантација на органи. Трансплантацијата за извршила екипа млади, но врвни здравствени работници, пишува тој.
Од МЗ објаснуваат дека листата на реципиенти на коски и меки ткива се пациенти коишто страдаат од коскен или мекоткивен дефект настанати како последица од тумор, траума, претходен оперативен зафат, вродени аномалии, и е исклучиво динамична и се надополнува од ден во ден.
„Ткивата од еден донатор може да го подобрат животот на над 70 други личности, а на некои од нив и да го спасат“, потенцираат од министерството.