Од вчера во институтот „Торлак“ во Србија почна да се произведува руската вакцина „Спутник В“, со можност подоцна да биде извезувана и во регионот. Сепак, Македонија нема да нарачува од овие вакцини, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Како што истакна тој, во овој момент не ни е потребна ниту една нарачка повеќе, затоа што, според планот, „веќе имаме обезбедено 2.6 милиони вакцини“.
Филипче информираше дека утрово е потврден и точниот датум за пристигнување на 200-те илјади дози кинески вакцини, а тоа е 28 април. До крајот на месецот треба да пристигнат и 20 илјади дози од „Фајзер“ – според најавата, по 10.000 на 19-ти и потоа уште 10.000 на 26 април.
Министерот потсети дека преку системот Ковакс и директниот договор со „Фајзер“ треба да пристигнат (2x) по 800.000 вакцини, а потоа и 200.000 руски вакцини, 100.000 преку системот на солидарност на ЕУ, како и уште 500.000 од кинеската „Синовак“ во текот на мај.
Со пристигнување на најголемата пратка од 200 илјади кинески вакцини на 28 април, ќе се забрза динамиката на вакцинацијата и ќе се опфати и поголема група на граѓани, додаде Филипче. За денеска тој најави средба со градоначалниците и директорите на Здравствените домови од шесте градови каде што е планирано вакцинацијата да се одвива во големи центри по примерот на арената „Борис Трајковски“ во Скопје, а тоа се Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово. Според Филипче, според планот и тоа како е поставен системот, нема да биде тешко да се постигне динамика од 7-10 илјади вакцинирани на ден.