Мицкоски: Оставка треба да даде цела влада, а Рашковски да е во затвор

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, не е задоволен од оставката на Драги Рашковски. Оставка требало да даде Владата, а Рашковски – да е во затвор, смета тој.

„Оставка треба да си поднесе цела криминална влада, не треба Рашковски да си поднесе. Рашковски одамна треба да биде таму каде што припаѓа, а тоа е во затвор. Не може службеник со плата од неколку стотици евра, или професор на факултет, да поседува и да гради хациенди со по илјадници метри квадратни, да летува и да дезертира во ек на пандемија таму каде што беше и да ни кажува дека биле евтини аранжманите, да се вози со нови џипови од 70-80 илјади евра, ако се негови, не знам, така излезе информација по медиумите“, изјави Мицкоски.

Сепак, тој „оддаде признание“ за, како што вели, првиот морален чин од власта, но забележа дека тоа требало да се случи многу порано, како и да продолжи во контиунитет и со владата.

Според лидерот на најголемата опозициска партија, тоа што блиските соработници на Заев многукратно го зголемуваат своето богатство, е индикација дека оние во првите редови на власта се случуваат уште поголеми неправилности.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

„Ако сето ова се потврди како точно, ова е уште еден срам и блам на оваа влада, бидејќи ако лицето кое што до вчера беше еден од најблиските соработници на Зоран Заев вака стократно го зголемило своето богатство, можете да замислите што прави тој, а којзнае што се случува со овие другите“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека се срами што луѓе како Рашковски се професори.

„Срамота. Срамота е ова што се случува и оставката е би рекол прв морален чин да се случи нешто иако порано требаше да се случи, но ова треба да продолжи во континуитет и со владата. Она кое што можам да го кажам, еве и како еден колега, се срамам што вакви луѓе воопшто се мои колеги од универзитетот, иако сме на различни факултети“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -