Александар Ушилковски – уапсениот возач на запленетата марихуана во акцијата на МВР и ДЕА, не е вработен во некоја од фирмите на Заеви, ниту пак комбето е во сопственост на некоја од овие фирми – повтори денеска премиерот Зоран Заев, надоврзувајќи се на демантот на Трајче Заев, одговарајќи на новинарско прашање околу обвинувањата од опозицијата за негова вмешаност во трговијата со дрога.
Заев рече дека и лично разговарал со неговиот прв братучед Трајче и тој му го потврдил она што и самиот го рекол во коментарот до медиумите.
„Немам ништо што да додадам ниту да одземам, навистина законот важи еднакво за сите. Александар можел да дружи со мојот прв братучед колку сака, законот важи еднакво за сите. Или некој началник на полиција можел да биде на слика соработник со Заев, со Спасовски, со било кој, законот важи еднакво за сите. Заврши времето кога такви случаеви апсолутно беа табу тема во нашата земја. Кој со кого сака нека е близок, дружел, пиел кафе заедно, го има на слики, се сликал со него, ако го прекршил законот си одговара. Овде имаме основани сомневања, се изречени мерки од страна на обвинителството и на судот, следуваат судски процеси, согласно доказите и аргументите секој треба да си носи одговорност“, рече премиерот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму притиска дека власта продолжува да ги игнорира најсуштинските прашања кои ја интересираат јавноста.
Наместо Трајче Заев да демантира несуштински информации кои никој не ги поставува како прашање, Трајче Заев треба да одговори дали Ушилковски е негов возач или не, велат од ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи на фотографијата од паркираниот „Мајбах“ на „Рекорд“ во Скопје, додека Ушилковски ги товари кесите од шопинг на својот шеф Трајче Заев.
„Целиот сообраќај беше закочен заради овие двајца. Ова не е фотомонтажа, ова го видоа илјадници граѓани во центарот на Скопје. Има ли поголем доказ од оваа слика, каде што јасно се гледа дека уапсениот Ушилковски му е возач на Трајче Заев? Значи Трајче Заев лаже во демантот“, посочи на прес-конференција портпаролот на опозицијата – Димче Арсовски.
„Потоа вели, комбето со фатената дрога не било во сопственост на Заеви. Па никој не рече дека е во сопственост на Заеви. Ние прашавме и повторно прашуваме: Дали комбето со грчки таблици е во сопственост на фирма која е во партнерски односи со фирми на Трајче и Бобан Заеви? Е на ова треба да го одговори Трајче Заев“, потенцира Арсовски.
Опозицијата сѐ уште чека одговор и за поврзаноста на фирмата на Трајче Заев – „Медикал 420 БГ“ во косопствеништво со Бобан Заев, основана во Петрич, со фирмата „Медикал 420“ од Битола, од каде што потекнува дрогата. Дали имињата се само чиста случајност на овие две фирми или навистина има поврзаност?, праша повторно Арсовски.
Тој побара Заеви, за да докажат дека се чесни и искрени, односно дека немаат никаква инкриминираност во криминал поврзан со дрога, да ги објават сите фирми каде учествуваат со удел и сопствеништво, и дома и во странство, а се поврзани на било кој начин со одгледување канабис.
Сепак, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Заеви ниту се чесни, ниту се искрени.
„Нарко картелот Заеви мора да биде разбиен и да заврши во затвор. Нам не ни треба уште еден нарко травар како мексиканецот Рафаел Каро Кинтеро, што се повеќе Заеви се обидуваат да станат како него Република Македонија.
Ако Каро Кинтеро беше осуден на 40 години затвор иако беше поврзан со власта во Мексико, можат да бидат осудени и разбиени и овие“, порача Арсовски.