Наскоро граѓаните ќе повикуваат помош преку единствен повикувачки број – 112, како што е во цела ЕУ

За да не се случуваат и во иднина несакани настани како тој со 63-годишникот од кратовско кој можеби ќе беше спасен доколку соодветните институции помогнеа да биде итно хоспитализиран, а не тимот на Брза помош да го носи со часови на раце, Центарот за управување со кризи веќе неколку месеци интензивно работи на воспоставување и имплементација на единствен повикувачки број – европскиот 112, најави денеска на прес-конференција директорот на оваа институција – Стојанче Ангелов.

Тој појасни дека се работи за број на кој било кој граѓанин ќе добие било каква помош – на 112 ќе можат да се пријавуваат физички напади, сообраќајни несреќи, пожари, потребна медицинска помош и сѐ она што денес граѓаните го бараат на броевите 192, 193 и 194, како што е случај во целата Европска унија.

Ангелов додаде дека од страна на канцеларијата на Европската унија веќе се донирани околу 1.5 милион евра за набавка на средства и опрема и обука на лица кои би работеле на оваа линија. Државата, пак, досега обезбедила просторни услови и веќе работи на селекција на луѓе кои ќе бидат приматели на повиците на 112.

И покрај тоа што некои аспекти биле закочени, Ангелов е оптимист дека во текот на јуни овој број ќе стане функционален.

„Кога во иднина било кој наш граѓанин ќе има било каква мака, здравствен или безбедносен проблем, ќе може да се јави на бројот 112, а дежурниот оператор веднаш ќе го препрати повикот онаму каде што треба. Тоа нема да биде механичко препраќање, туку едноставно одговорниот ќе се погрижи; доколку има сообраќајна несреќа – примателот на повикот истовремено ќе повика и Брза помош и полиција, по потреба и противпожарна единица“, рече Ангелов.

Тој потенцираше дека во прво време, првата година или две, во функција ќе останат и актуелните броеви, покрај 112.

Како што посочија некои од медиумите, Владата ја усвои информацијата за потребата од воспоставување единствен комуникациско-информативен систем со единствениот европски број за итни повици Е-112, уште на седницата на 6 февруари 2018 година.

„Владата го задолжи Центарот за управување со кризи во наредниот период, заедно со неколку надлежни министерства, како и институции, да најде начин за обезбедување финансиски средства потребни за реализација на активностите”, се вели во тоа соопштение.

Одлуката Стојанче Ангелов да биде назначен за в.д. директор на ЦУК, пак, Владата ја донесе на 3 ноември 2020 година.

- Реклама -