Дисциплинска постапка за оперативецот на ЦУК од Кратово, но и за сите кај кои ќе биде утврден пропуст, најави Ангелов

Комисијата на Центарот за управување со кризи вчера и денеска работи на расветлување на случајот кој ја потресе целата јавност, но и укажа на слабостите во целиот систем за управување со кризи, изјави денеска директорот на ЦУК – Стојанче Ангелов, ден откако почина 63-годишникот од кратовското село Емирица, откако повеќе од пет часа тим на Брзата помош го носеше на раце преку непристапен предел за да биде хоспитализиран.

Како што рече Ангелов, Комисијата ги бара пропустите и работи на тоа да ја лоцира одговорноста, со крајна цел тие да бидат отстранети и вакви настани да не се случуваат во иднина. За одговорните лица кај кои ќе се утврди пропуст, ќе следува дисциплинска постапка, најави Ангелов.

Како што информираше тој, досега Комисијата утврдила дека од оперативецот на ЦУК во Кратово не бил побаран хеликоптер, како и дека не била известена Дирекцијата за заштита и спасување. Тоа е кршење на стандардните оперативни процедури и за истото ќе биде дадена дисциплинска постапка, изјави директорот на ЦУК.

Пропуст има и во тоа што воено-хиерархиски не бил известен тој лично, како директор на ЦУК, за настанот. „Доколку знаев за овој настан, повеќе од сигурно ќе побарав да биде вклучен хеликоптер“, истакна Ангелов.

Покрај одговорноста која неспорно постои во редовите на ЦУК, како што рече самиот Ангелов, одговорност ЦУК ќе бара и во другите институции, заради што веќе поднеле официјални барања до Министерството за здравство, МВР и Министерството за локална самоуправа.

Како што истакна тој, Министерството за здравство треба да да одговори што предвидуваат нивните (на МЗ) протоколи во ваква или слична ситуација и дали членовите на лекарската екипа од брзата помош имале комуникација со ЦУК и што им било одговорено.

Министерството за локална самоуправа, пак, треба да одговори зошто од било која од институциите од локалната власт не било испратено теренско возило и дополнителни сили за помош, како и зошто градоначалникот на побарал ангажман на републичките сили за заштита и спасување иако според член 35 од соодветниот закон бил должен тоа да го направи. Ангелов прашува и зошто не биле ангажирани силите и ресурсите на Територијалната противпожарна единица во Кратово, а бара и детален извештај од разговорот на лекарскиот тим на терен и лицето од локалната самоуправа со кое разговарал.

Од МВР, пак, Ангелов бара да одговори зошто полициските службеници не обезбедиле теренско возило и заедно со нивните старешини не побарале хеликоптер за транспорт. Тој прашува и зошто од полициската станица Кратово или другите организациони единици на МВР не биле испратени полицајци да помогнат во извлекувањето на сега починатиот пациент, иако и самиот посочи дека според информациите, од ПС Кратово понудиле да испратат неколку помлади полицајци да помогнат, но лекарскиот тим одбил. Ангелов бара детален извештај и од разговорот на лекарската екипа и полициските службеници.

- Реклама -