Спасов: ЕУ е нашата најдобра алтернатива, но ако не нѐ сакаат, ќе преживееме и без нив

„Ние не сме полоши од Бугарија и од Романија во времето кога тие станаа членки на ЕУ. Нас долго време нѐ убедуваа дека треба, пред сѐ, да го решиме спорот околу името со Грција. И тоа се направи со херојски и со многу ризични потези. Секое понатамошно условување за почеток на разговорите, според мене, веќе не зависи од тоа што ние ќе направиме, ниту многу од тоа што сака Бугарија да прави“, вели професорот Ѓорѓи Спасов, поранешен амбасадор во Софија, во интервју за „НОВА ТВ“, прашан дали на нашиот бавен пат кон членство во ЕУ повеќе влијаат блокадите или внатрешните состојби во државава.

Според Спасов, прашањето е дали има сериозна желба кај членките на ЕУ за натамошно проширување или, како што вели, во главата им се мотаат и други идеи за останатите земји од Западен Балкан.

„Оттука, треба да се има храброст да се каже дека ЕУ е најдобрата можна алтернатива за нас, но и дека ако не нѐ сакаат, поради свои егоистични интереси, тогаш ќе преживееме и без нив, и без уцени. Треба да се има достоинство, без оглед на големата желба“, вели тој.

„Македонија никогаш не смее да говори дека ние немаме алтератива. Не сме во толку очајна состојба. И не треба да брзаме додека ЕУ самата не дисциплинира некои од своите членки“, вели понатаму Спасов, во контекст на можниот излез од спорот со Бугарија. Според него, решение би можело да се најде во вид на формулации кои тие ќе ги интерперетираат како почитување на нивните барања, а ние како опстојување на нашите.

Доколку нашите и политичарите од соседните земји (од Бугарија, но и од Грција, со оглед дека спроведувањето на голем дел од Преспанскиот договор зависи од почетокот на нашите преговори за членство во ЕУ) не успеат да најдат решение, работа на ЕУ е да го направи тоа и притоа, мора да биде јасна, смета Спасов.

„Ние не може да бидеме земја на која ќе ѝ се поставуваат секогаш нови услови. Тоа не е сериозно и не е европски. Правењето отстапки од страна на ЕУ кон секое националистичко барање кон Македонија може реално да нѐ доведе до тоа да дигнеме раце од неа. Ним им е дадена можност за целосен мониторинг на сѐ што правиме во Македонија, и да учествуваат со сите сили и средства за наше подготвување за членство и ако тоа не е доволно, треба да ни ги соопштат вистинските намери. Да нѐ примеа во ЕУ вакви какви што сме, сите заедно и во еден ден, со Албанија и со сите земји од Западен Балкан, ќе трошеа помалку пари за менаџирање на кризите во регионот и ќе обезбедеа многу поголема европска безбедност, па и просперитет. А, и за тоа не е доцна доколку имаат визија и визионери, каков што беше Вили Брант“, оценува професорот.

Според него, и од оваа сегашна перспектива, потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017 година, е одличен потег, бидејќи договорот, како што вели, нѐ штити од натамошни уцени и барања.

„Тоа што на Бугарија ѝ текна подоцна дека можела низ таков договор да ја принуди Македонија сета македонска историја пред 1945 година да ја признае за бугарска, е нивен проблем. Треба да се држиме до договорот, а не до подоцна смислените желби и интерпретации“, вели Спасов.

Во меѓувреме, „во услови на пожар, каква што е епидемијата, никој не се плаши од тоа дека ќе наврне, со тоа што нема да почнеме разговори за членство во ЕУ“, додава професорот, во контекст на состојбите на домашната политичка сцена во пресрет на локалните избори за неколку месеци.

Целото интервју, во кое Спасов ги анализира и состојбите по бугарските парламентарни избори и што тие значат за нас, прочитајте го ТУКА.

 

- Реклама -