Од 13.000 вакцинирани граѓани во земјава, само кај двајца имало реакција, но поради паничен напад, а не поради вакцината

Од вкупно 13.000 граѓани заклучно со вчерашниот ден, имало само два случаи со несакана реакција, но не поради самата вакцина, туку поради страв/панични напади, посочи денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Се работи за двата случаи на колапс кај граѓани што се вакцинираа во салата „Борис Трајковски“.

Други несакани ефекти нема. И девојката што имаше тромбоза на очната вена, а се вакцинираше со АстраЗенека во Србија, е добра и денеска е пуштена на домашно лекување, посочи Филипче.

Тој уште еднаш потенцираше дека многу се внимава на безбедноста на вакцините.

„Апелирам граѓаните да се свесни дека ова е единственото оружје со кое ќе ја смениме сликата за пандемијата, не само кај нас туку и насекаде во светот. Сите вакцини се безбедни, еве и таму каде што има сомнежи внимателни сме, чекаме соодветни препораки и мислења и ова е единстеното нешто што можеме да го направиме да го зачуваме сопственото здравје“, истакна министерот.

- Реклама -