Спасување во кратовско: Оперативецот на ЦУК барал џип или трактор, не бил обучен да побара хеликоптер

В.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) – Стојанче Ангелов, денеска одржа прес-конференција по повод вчера објавената сторија на Павле Зафиров – дел од тимот на Брза помош кој повеќе од пет часа преку непристапен предел на раце носел жител на најзафрленото место во кратовската општина кој бил во животозагрозувачка состојба и имал итна потреба од хоспитализација.

Покрај честитките за храброста и пожртвуваноста на тимот и сите инволвирани, Ангелов упати низа критики до локалната самоуправа и институциите, но призна слабост и низа слабости во своите редови.

„Како Центар за управување со кризи, постоиме да им служиме на граѓаните тогаш кога им е најтешко, тогаш кога нивниот живот е доведен во опасност и нивното здравје е загрозено.

Би сакал да укажам дека во моментот кога со своето возило Брзата помош заглавила, тие продолжиле да се движат пеш. Во однос на патиштата, без оглед дали се непроодни поради снег или кал или други причини, спаѓаат во надлежност на локалната самоуправа. Таа е таа која треба да се грижи за проодноста на патиштата до секое населено место во нашата држава, без разлика дали во него живеат илјадници или само еден човек. Затоа во оваа прилика најпрво сакам да апелирам до сите градоначалници повеќе внимание да обрнат на проодноста, посебно на локалните патишта кои водат до некои зафрлени планински села – зафрлени за нас останатите, но центар на светот за оние кои живеат во нив“, рече Ангелов.

Чекорите што ги презел локалниот ЦУК, како што информираше тој, биле следниве:

„Оперативецот на ЦУК од Кратово ги презел сите потребни мерки. Откако бил информиран дека во конкретното село се наоѓа човек кому му се пружа брза помош и е во животозагрозувачка состојба и треба итно да биде извлечен, нашиот оперативец веднаш се јавил во полицијата и го известил надлежното лице. За жал, во полицијата немале соодветно теренско возило со коешто можеле да стигнат на лице место, но од страна на полицијата се понудиле да отидат неколку посилни полицајци коишто би помогнале во извлекувањето. Нашиот оперативец од ЦУК веднаш потоа се јавил и во Противпожарната заштита, но истиот одговор го добил и од таму – дека немаат соодветно теренско возило. Потоа се јавил во ЈП ‘Македонски шуми’ од каде исто така побарал помош, но не ја добил. Потоа се јавил на директорот на ЕВН во Кратово, надевајќи се дека тие имаат соодветно теренско возило со коешто може да се отиде до конкретното село. На крај, се јавил и на директорот на Јавното комунално претпријатие, од кадешто добил надеж дека ќе биде обезбедено такво возило, но потоа возилото не било обезбедено“, рече Ангелов.

Запрепастувачки е фактот што во една општина не можело да се најде теренско возило кое би отишло на лице место и би помогнало во извлекувањето на животозагрозениот пациент, оцени тој.

„Нашиот оперативец бил фокусиран на барање на теренско возило, џип или било каков друг вид, дури барале во одреден момент и трактор. Но во ниту еден момент од него не било побарано да обезбеди хеликоптер. Според стандардните оперативни процедури, тој не е обучен во ваква ситуација да носи одлука дали треба или не треба хеликоптер. Сепак, како ЦУК овде пронаоѓам една наша слабост, која во иднина ќе биде променета. Односно, тие таканаречени стандардни оперативни процедури ќе бидат променети и секогаш, во било каква ситуација кога ќе имаме загрозен живот или сериозно загрозено здравје на било кој наш граѓанин, на било кое место во Македонија, ние како ЦУК ќе се погрижиме да испратиме хеликоптер за извлекување. Како директор на ЦУК имам директна комуникација со врховниот командант на Армијата – претседателот Стево Пендаровски, од кадешто од порано ни е посочено дека доколку ни е потребно, во секој момент може да сметаме на хеликоптер. Се разбира, за такво нешто е потребно малку време, не може да полета веднаш. Исто така, сум во постојана комуникација со министерот за одбрана, како и со началникот на Генералштабот на Армијата“, рече Ангелов.

Тој додаде и дека случајот оправдано ја згрозил јавноста, при што информираше дека формирал петчлена комисија што детално ќе го испита случајот и ќе утврди дали постојат пропусти или слабости во редовите на ЦУК или во другите институции и ќе ги лоцира тие слабости за истите да бидат надминати во иднина.

„Не сакаме и нема да дозволиме во иднина никогаш наш сограѓанин да се најде во ваква состојба“, увери Ангелов.

На дополнителни новинарски прашања зошто не бил побаран хеликоптер и зошто било која од институциите не им посочила на лекарите каде да се обратат, Ангелов повтори дека оперативецот бил фокусиран на обезбедување на теренско возило, но истовремено потврди и дека тој можел самоиницијативно да побара хеликоптер, како и дека има слабости во посочените стандардни оперативни процедури. Тој уште еднаш потенцираше дека се работи и ќе бидат отстранети тие пропусти.

„Цело време, од лекарскиот тим на лице место, било барано теренско возило. Оттаму и фокусот на нашиот оперативец бил пронаоѓање на било какво теренско возило. Во ниту еден момент, повторувам, од нашиот оперативец не бил побаран хеликоптер. Јас ве уверувам дека доколку такво барање дошло до него, тој ќе го проследеше хиерархиски кон мене и хеликоптерот за кратко време ќе полеташе. Во моментов во Македонија имаме доволно хеликоптери кои би учествувале во една ваква спасувачка мисија.

Нашата институција функционира врз основа на Уставот, законите и подзаконски акти. Еден од тие подзаконски акти се таканаречените стандардни оперативни процедури по коишто постапуваат вработените. Во нив постојат слабости и тие ќе бидат отстранети во движење. Нашиот оперативец бил фокусиран на барањето на лекарскиот тим. Но, да, тој самоиницијативно можел да побара хеликоптер и истиот за кратко време ќе бил на лице место. Но, кога сте таму во канцеларија, немате претстава што точно се случува на терен, особено кога барањето упатено до него се однесувало на наоѓање на теренско возило, било каков џип, па дури и трактор.

Како што кажав, нашиот оперативец ја изработил својата работа, тој барал џип. Бидејќи Дирекцијата за заштита и спасување во Кратово нема теренско возило, тој затоа во првиот налет воопшто не ја контактирал, бидејќи бил фокусиран на пронаоѓање на теренско возило. И да побарал, Дирекцијата во кратово нема теренско возило, а мора да признаеме дека од Скопје до Кратово треба баеги време да отиде џип. Така што, факт е дека во целиот овој систем, посебно при извлекување на повредени лица од тешко пристапни или непристапни терени, постојат одредени слабости. Дел од нив досега ги имаме детектирано и впрочем тоа е една од причините поради којашто се нафатив на оваа одговорна функција. Јас сум убеден дека во наредните неколку месеци ќе понудиме комплетно решение во поглед на она таканаречено планинско спасување. Ние во нашата држава имаме две такви служби кои соработуваат и се во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување и една невладина организација во Охрид којашто е на многу високо ниво и кога би имало таква служба во секој град, спасувањето би било многу едноставно“, рече Ангелов.

Директорот на ЦУК посочи и дека ќе се разгледа можноста за одликување на тројцата членови на тимот кои со својата пожртвуваност му го спасија животот на пациентот.

- Реклама -