Пратениците на Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, денеска до претседателот на Собранието на Република Македонија (РМ) поднесоа два амандмани на предлог-законот за одложување на пописот за во септември.
Како што информираат од Левица, првиот амандман се однесува на датумот на пописот и предвидува оваа операција, наместо да биде одложена за 5 до 30 септември, да биде одложена за периодот 1 до 21 април, но следната 2022 година.
Од Левица посочуваат дека тоа всушност било и нивното прво барање од започнувањето на кампањата „Не отворам врата“.
„Амандманот го предлагаме со цел заштита на јавното здравје, предвидено како уставна должност на секој граѓанин, почитување на нормативната хиерархија и владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а во насока на почитување на препораките на Обединетите Нации – Департментот за статистика на ООН и Популациониот фонд на ОН“, образложуваат од партијата.
Вториот амандман се однесува на Членот 2, кој Левица бара да биде заменет со Членот: „(1) Со денот на влегување во сила на овој закон, престанува самопопишувањето на лицата – државјани на РМ, кои се на привремена работа, или престој во странство“; (2) Државниот завод за статистика е должен да ја отстрани од својот веб сајт апликацијата за самопопишување на дијаспората“. Со други зборови, наспроти на договореното меѓу Заев и Мицкоски, но и ДУИ, Левица бара веднаш да запре попишувањето на дијаспората и веб апликацијата веднаш да биде ставена вон употреба.
„Овој амандман го предлагаме со цел воедначување на применетата Методологија со препораките на Обединетите Нации и ЕУРОСТАТ. Потсетуваме дека Левица и понатаму ќе работи во полза на промена на целата нерегуларна и несоодветна методологија во Законот, којашто не е по ниту еден меѓународен стандард, туку само по стандардите на коалициониот партнер на СДСМ – ДУИ“, се вели во соопштението.
Претходно денеска, од Левица најавија дека доколку не се донесе нов Закон за попис, тие ќе продолжат со кампањата за бојкот. Според нив, одложувањето е во насока на продолжување на пописниот фалсификат.
„Ја известуваме јавноста дека, имаме индиции за ‘одложувањето’ на донесувањето на нов Закон за попис, дека е намерно издејствувано и договорено, за да може кампањата на нелигитимниот попис сепак да започне. Скандалозната изјава на министерот за правда, Бојан Маричиќ, дека добиените податоци ќе бидат внесени во пописот во октомври, навестува дека владејачката коалиција се обидува да ги спречи сите обиди за усвојување нов закон и методологија и реализирање на пописен фалсификат. Фактот дека на лидерската средба беше одлучено да продолжи пописот во дијаспората, што патем е еден преседан во европската практика, јасно покажува дека обидот за фалсификат е само пролонгиран!
Имаме силни сомнежи дека во наредните неколку дена власта, ќе врши тивко попишување, со цел да се одолговлекува процесот на одложувањето на Законот за попис, колку што е можно подолго“, обвинуваат од Левица, уште еднаш потсетувајќи на нивните досега изнесени аргументи против пописот.