За да се елиминираат сомнежите дека некој од државните функционери може да ја злоупотреби позицијата за да се вакцинира преку ред, целиот државен врв ќе се пријави на сајтот на Министерството за здравство и ќе го чека својот ред во согласност со критериумите кои важат и за сите останати граѓани. Ваквата одлука била донесена на денешната седница на Советот за безбедност, информираше претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Се договоривме на Советот за безбедност, за да нема никаков сомнеж од имунизацијата помасовно од утре натаму, дека некој од нас може да ја злоупотреби позицијата на која се наоѓа и преку ред да биде вакциниран, се договоривме од утре и наредниве денови, сите ние – претседател, премиер, министри и други државни функционери, да се пријавиме на сајтот на Министерството за здравство, како секој друг граѓанин и, кога ќе ни дојде редот, според сите тие категории кои тие ги предвидуваат, тогаш ќе се вакцинираме и сите ние. Сосема небитно на која функција сме, ние сме исти со сите други граѓани кои живеат во оваа земја“, порача Пендаровски, додавајќи дека тоа би требало да важи и за многу други работи, не само за вакцинацијата.
Во меѓувреме, во салата „Борис Трајковски“ се одвиваат последните подготовки за имунизацијата која ќе се врши со дел од пристигнатите 24 илјади вакцини од Астра Зенека и оние што допрва ќе пристигнат (фотографии/видео ТУКА).
Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, во салата ќе има вкупно 48 кабини, но дел од нив ќе бидат наменети за „недај боже“, односно за во случај некому да му се слоши. Сепак, се очекува вакцинацијата да оди со темпо од 50 луѓе за 15 минути. Столчиња се поставени и надвор од кабините, каде граѓаните по примањето на вакцината ќе поседат по 10 минути под надзор на медицинските лица, во случај да им се појават несакани ефекти. Доколку такви нема, ќе можат да си заминат дома. Вакцинацијата ќе се спроведува секој работен ден од 8 до 20 часот.
Поради вакцинацијата, која е приоритет, салата 2.5 месеци ќе биде затворена за спортски настани. Како што истакна директорот на спортскиот центар – Александар Петровски, сите спортски федерации, репрезентации и тимови кои ја користеле салата, без проблем прифатиле принудно да ги преселат своите активности.
Од Министерството за здравство попладнево информираа и дека веќе е во тек закажувањето на термини преку системот „Мој Термин“. Првично пуштени се 9577 термини, а до моментот на соопштението закажани биле 5.976 термини за вакцинација на граѓани над 77 години. Истата ќе се одвива на веќе постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите низ државата.