Џамбаски ја претера, Владата со протестна нота за скандалозното видео обраќање за Македонија

Македонското МНР, преку амбасадата на земјава во Бугарија, упати протестна нота до Министерството за надворешни работи на Бугарија, поради контроверзното предизборно видео на бугарскиот европратеник и заменик-претседател на ВМРО-БНД на Каракачанов – Ангел Џамбаски.

Во обраќањето, Џамбаски, меѓу низата пораки со отворен иредентизам, порачува и дека Македонија е бугарска и дека колку похистерична била омразата кон Софија, толку побугарски ќе станувал Охрид.

„Во оваа прилика напоменуваме дека ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји“, реагираат од МНР. „Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени“, се вели во соопштението.

Од македонското МНР додаваат и дека соодветно ќе реагираат и до институциите во Европската унија.

 

- Реклама -