Филипче: Ќе се вакцинирам со Астра Зенека кога вакцинацијата ќе биде полесно достапна, нема никакви контраиндикации за било кои граѓани

„Ставот на стручниот тим е дека апсолутно нема контраиндикација граѓани од било која возраст да се вакцинираат со Астра Зенека“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, прашан за вакцините кои пристигнаа вчера и кои групи граѓани први ќе се вакцинираат со нив.

Филипче истакна дека сите што се пријавиле ќе бидат и повикани, но посочи дека, и покрај укажувањата на матичните лекари дека се преоптоварени со работа со ковид пациентите, термините ќе мора да ги закажуваат тие, затоа што мора да се искомуницира со пациентите и да се поразговара за нивната моментална здравствена состојба и согласно тоа да се закаже вакцинација.

Прашан дали тој ќе биде меѓу првите што ќе се имунизираат со вакцините на Астра Зенека, Филипче одговори:

„Лично, сега нема да се вакцинирам. Ќе почекам да стигне поголема количина на вакцини, да биде вакцинацијата полесно достапна за сите граѓани, а тогаш кога ќе биде, ќе се вакцинирам со Астра Зенека, за да покажам дека овој сомнеж, кој засега го има само кон таа вакцина, е апсолутно неоснован“.

Граѓаните што не сакаат да се вакцинираат со Астра Зенека ќе можат да изберат друга вакцина тогаш кога ќе има избор, додаде Филипче, но потенцираше дека сите вакцини се безбедни.

„Ги уверувам граѓаните дека апсолутно сите вакцини коишто ќе дојдат, го поминуваат истиот систем анализа на документите на производителот за контрола на квалитетот. Нашата регулатива го бара тоа. Самиот процес на издавање на дозвола – тоа што сега се случува во Агенцијата за лекови, практично е анализа на истите документи како што беше случај со Фајзер, Спутник, сега и за Астра Зенека. Нема буквално никаква разлика“, рече министерот.

- Реклама -