Мицкоски: ДУИ создава длабока држава во институциите, корист немаат ни Македонците, ни Албанците

 

Државната администрација, како и сите државни органи, се заробени од ДУИ речиси 20 години – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во „Што не е јасно“ на ТВ „Алфа“. Не е нормално една политичка партија да создава држава во институциите и да функционира согласно сопствените потреби, вели тој.

Според Мицкоски, локалните избори се зрела шанса за граѓаните да изберат во своја корист и да се ослободат од, како што рече, тоталитарното владеење на СДСМ и ДУИ, а особено она на ДУИ кои 20 години е закотвено во државните институции. Поради тоа, посочи тој, македонската и албанската опозиција, во одредени сегменти, ќе мора да делуваат заеднички.

Прочитајте и:  Воздухот е загаден зашто оваа влада не презема ефективни мерки, тоа ја прави нелегитимна - велат од ДУИ

„Од таквиот начин на работа и инфилтрирањето само на партиски кадар насекаде низ државните институции, придобивка немаат ниту Македонците, ниту Албанците, ниту пак другите етнички заедници. Тоа е уназадување на општеството”, истакна Мицкоски.

„Формирањето на длабока држава придонесува за задушување на општеството и кратење на можностите на граѓаните. ДУИ користи ист модел веќе 20 години и тој не враќа со никаков плод кој го почувствувале граѓаните на Република Македонија. Токму затоа на таквиот начин на работа мора да му се стави крајот, а тоа е возможно само доколку се сплотат сите опозициски партии“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -