„Имавме еден бран минатата година кога голем број протоколи беа донесени за почитување на мерките, од кои најважни се маски, негрупирање, дезинфекција. Многумина останаа да не веруваат дека има вирус. Имавме втор бран лани, есента, а сега имаме трет бран, насекаде. Но, сега имаме британски сој, имаме бразилски, чешки, норвешки и други соеви. Овој британски сој што го имаме од јануари наваму, веројатно и јас и мојата сопруга сме го имале. Не знаеме каде се заразивме, не контактиравме и за три дена ни се комплицираше состојбата. Инкубацијата е сега 3 до 5 дена. Клиничката слика може да се проимени нагло со навидум лесни симптоми, но брзо доаѓаат компликации, од главата, па невролошки испади, бели дробови, срцето, па оштетувања на црниот дроб, на крвните садови, значи мултисистемско зафаќање. Би го нарекол чудовиште затоа што не знаеш кога и како ќе ти се појави“, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести – Жарко Караџовски, во „Само интервју“ на „Канал 5“.
Тој посочи дека секој може да се зарази и дека не постои некој што може целосно да се заштити. „Ние навидум изгледаме здрави, но никој не знае со сигурност какви му се виталните органи“, вели епидемиологот.
Според Караџовски, несомнено е дека причината за полесна трансмисија со потешки симптоми е британскиот сој на вирусот. „И не е само кај нас, видете ја средна Европа и Балканот. Србија има над два милиона вакцинирани, но секој ден имаат илајдници нови заразени“, посочи тој.