Денеска во општина Богданци, премиерот Зоран Заев, заедно со градоначалникот – Блаже Шапов и директорот на љубљанската компанија „Интеренерго” – Блаж Штерк, ја промовираше новата инвестиција – ветерен парк.
Како што соопшти Заев, се работи за ветерна електрана од 30 MW (мегавати), со вредност од над 40 милиони евра, за производство на електрична енергија од околу 72 GWh (гигавати), со што ќе се обезбедува стабилно снабдување со зелена и еколошка електрична енергија за околу 18.000 домаќинства.
Заев потсети и дека на територија на општина Богданци веќе е реализиран ветерниот парк на АД ЕСМ од 36.8 MW со 16 ветерници, како и дека во фаза на развој е проширувањето на овој ветерен парк за дополнителни 13.2 мегавати со поставување на нови 4 ветерници.
„Деновите на производство на електрична енергија од фосилни горива изминуваат. Со новата инвестиција, се зголемува производството на чиста електрична енергија. Создаваме услови за одржлив развој за сегашните и за идните генерации. Имплементираме зелено сценарио за развој на Северна Македонија, кое треба да обезбеди економски и еколошки бенефит“, порача премиерот.