Комисијата за заразни болести не се бави и не одлучува за тоа дали ќе има или ќе нема попис, одговори претседателот на истата – д-р Жарко Караџовски, на заедничката прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче, на прашање од ТВ „Алфа“ кој е неговиот личен став за спроведувањето на пописот.
„Оваа и минатата година од повеќе државни институции беше побарано да направиме наш протокол, да дадеме наше мислење како би требало да се одржуваат прво изборите, па како да функционира Собранието, како ќе функционира Владата, па еве сега и за пописот. Комисијата за заразни болести направи предлог протокол и тој протокол го дадовме до Министерството за здравство и до Државниот завод за статистика. Понатаму, дали ќе се одржува пописот или не, и на кој начин ќе се одржува, е политичка одлука“, рече Караџовски..
„Делот на стручната одлука ние го кажавме во нашиот протокол. Во моментот ако ме прашувате каква е епидемиолошката состојба, ја кажа министерот – се манифестира со зголемен број на заболувања, меѓутоа сѐ уште може да се менаџира. Ако ме прашувате што ќе се случи за еден месец од денеска, не можам да ви предвидам, макар што ние епидемиолозите имаме направено пресек на моменталната состојба и наше предвидување дали ќе се зголемува бројот на заразени и заболени.
Меѓутоа, ако ме прашувате дали Комисијата стои зад одредени одлуки во државата, за тоа дали ќе има или ќе нема попис, веднаш морам да ве разочарам; Комисијата не се занимава со тоа. Предлог-протоколот беше побаран и ние го направивме. Понатака, државните институции ќе одлучат дали ќе има или ќе нема попис и на кој начин ќе се спроиведува. А ние дадовме повеќе опции за спроведување на пописот. Сѐ понатака не можам да ви одговорам, бидејќи тоа не е прашање за Комисијата за заразни болести“, додаде Караџовски.