ВМРO-ДПМНЕ поднесе интерпелација за Филипче: „3.340-те починати од ковид се 3.340 причини да си даде оставка“

3.340-те починати од ковид-19 во земјава се 3.340 причини поради кои Венко Филипче треба да си поднесе оставка, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи дека до Собранието ќе поднесат предлог за интерпелација на министерот за здравство.

Како што истакна Кирил Пецаков – член на Извршниот комитет, ваквиот биланс на жртви е најголема човечка катастрофа во земјава од Втората светска војна наваму и нема македонско семејство каде нечиј близок роднина или пријател не починал. Според Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ, овие животи можеле да бидат спасени ако системот функционирал.

„За жал, во македонското здравство се умира и притоа нема одговорност. Пациентка од Струга почина затоа што никој не ѝ пружи помош, пациент од Штип почина затоа што немало боци со кислород, во Македонија се умира поради операција на колено и од сепса на рана, а на пациентка од Дебар ѝ се извадени здрави внатрешни органи и никој не одговора за сето ова. Наместо министер за здравје Филипче, стана министер за зараза и смрт“, рече Пецаков на прес-конференција.

Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат министерот за катастрофално справување со корона-кризата.

„Единствени сме во светот по најлошото справување со корона кризата. Македонија е на 118 место од 122 држави по број на вакцинирани. Од нас полоши се само Египет, Уганда, Света Хелена и Екваторијална Гвинеја. И ова не го кажува ВМРО, ова го нотира Блумберг. Срам и резил“, рече Пецаков.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Според ВМРО-ДПМНЕ, пропустите за кои Филипче носи најголема одговорност, се: неследење на кластери, немање лекови, немање болнички кревети, немање респиратори, немање протоколи за лечење и движење на пациенти, ненавремени и несоодветни мерки, и немање концепт.

„Има од рака наметнат полициски час, а во преполните автобуси има корона кластери, што само покажува дека се нема концепт. Како системот го штити здравјето на луѓето? Никако“, рече Пецаков.

Освен за лошо справување со пандемијата, ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Филипче и за местење тендери и полнење на џебот преку провизии. Покрај обидот за набавка на вакцини преку кинеска фантом-фирма, според опозицијата, спорни се и физибилити студиите за централизирање на биохемиските лаборатории, за приватизација на Итната медицинска помош, тендерот за стерилизација во јавните здравствени установи, но и изградбата на Клиничкиот центар, која, велат, ќе претставува извор на корупција (подетално ТУКА).

 

„Очигледно Венко Филипче е скандал мајстор, а Македонија ги живее своите најтешки денови. Затоа, време е Филипче да си оди, за да се спасат животи. На Македонија ѝ треба министер за здравство, а не министер за тендери и провизии“, рече Пецаков.

- Реклама -