Покрај манипулираните избори, скандалозните пресуди во крајно-политизираниот случај „Монструм“ (кој го оценува како еден од најтешките судски процеси досега во државава) и последично губење на довербата во институциите, театарот со бегството на Сашо Мијалков и лошото справување со пандемијата, односите со Бугарија и блокадата на евроинтеграцијата се само уште еден од поразите на оваа влада, поради што е потребна нова влада, ново парламентарно мнозинство и нови избори – оценува лидерот на Алтернатива – Африм Гаши, во анализа за бугарската БГНЕС.
Според Гаши, со Договорот за добрососедство, македонската страна преземала задолженија кои не ги исполнила, што резултирало со вето од Бугарија.
„Според нас, решението на Бугарија не беше правилно. Истовремено, со разбирање гледаме на позицијата на бугарската држава, која смета дека без решавање на споровите меѓу двете држави, патот на ЕУ интеграцијата на нашата држава не треба да продолжи“, вели Гаши за БГНЕС.
Тој предупредува дека со ваквиот пристап, Бугарија дополнително ја турка Македонија кон Белград.
„Според мене и според Алтернатива, важно е да се знае дека кога Бугарија е толку агресивна кон Македонија, тоа ја турка во прегратките на Србија, од кои не се измолкна лесно. Затоа сме на мислење дека Бугарија треба тоа да го има во предвид. Мислам дека и за Албанците, и за Македонците во државата, не е здраво да се оформи таков силен сојуз меѓу Македонија и Србија, а да имаме дистанца или лоши односи со Бугарија. Затоа сметам дека бугарската држава треба да биде многу внимателна и да го има во предвид тој балкански контекст во овој спор и да се обиде да ја прифати нашата држава како сојузник, да се обиде да изгради подобри односи со неа“, вели Гаши.
Според него, блокадата не е правиот начин, а подобро решение за решавање на споровите би била некаква клауза меѓу двете држави – дека без решавање на спорот нема интеграција, но дека паралелно со преговорите во спорот треба да се одвива и евроинтеграцијата.
Гаши, понатаму во анализата, го објаснува тој балкански контекст:
„Би сакал да споменам пред вас еден важен момент. За Алтернатива е многу важна хоризонталната оска на Балканот. Сметаме дека за нашата држава е од стратешки интерес да се поврзат Црно и Јадранско море, да се развиваат економските, културните и секакви други односи меѓу нашите држави, а не да оставиме повеќе да се развиваат односите по вертикалната оска, која функционира перфектно. Сметам дека тоа е лошо и за Македонија, и за Бугарија. Особено оската Атина – Белград. Затоа велам дека Бугарија треба да биде многу внимателна во овој спор. Таа треба да знае дека кога настапува така, на Табановце ќе гледаме како Вучиќ ги доставува вакцините, а не Бугарија, која според нас и како прв сосед, и како членка на ЕУ, требаше да биде првата држава која ќе ни укаже помош во однос на процесот на вакцинација на населението.
Ние како Албанци и јас лично имаме емпатија кон македонската нација и многу внимаваме тој спор да не повлијае на нашите меѓуетнички односи. Затоа сме многу резервирани и чувствителни и би сакале да наидеме на разбирање и од ваша страна. Но, сакам да знаете, дека во никој случај не сакаме кој и да е македонски политичар, која и да е влада и уште помалку Албанците кои се дел од таа влада, да гледаат повеќе кон сојуз со Белград, отколку со Бугарија.
Затоа, според нас, е многу важно да заздрават односите помеѓу нас, бидејќи не само Албанците, туку и повеќето граѓани, ако се соочени со дилемата дали ЕУ ќе биде нашиот избор или Србија, 99% од граѓаните би ја избрале европската интеграција“, додава Гаши.
Токму поради наведеното, тој смета дека процесот на преговори треба да продолжи и повторува дека решението го гледа во преговори паралелно додека тече евроинтеграцискиот процес. Според него, во следните 5-6 години, додека станеме членка на ЕУ, спорот со Бугарија, со таков пристап, би се решил.
„Сметам дека е од заеднички интерес за двете држави и за стабилноста на Балканите ние да го решиме тој спор и да го продолжиме процесот на евроинтеграција. Не сметам дека треба да има замена на европскиот дневен ред. ‘Мини-Шенген’ е многу мала идеја која не може да се споредува со процесот на евроинтеграција. Затоа како држава и како регион не треба да размислуваме за друг концепт, освен интеграцијата на регионот во ЕУ. Секоја друга варијанта, која исклучува интеграција на целиот регион во ЕУ, според мене, е погрешна.
Знам дека во моментов во Европа има поделеност во однос на тоа како треба да се развива ЕУ по Брегзит. Знам дека се говори за стереотипот за Балканот како Ориентот на Европа. Но не треба да дозволиме Европа да гледа на Балканот низ таква призма. Треба да направиме сѐ што е возможно – и не само Македонија, туку целиот регион – да го забрзаме процесот на интеграција во ЕУ. Сѐ друго ќе ги остави живи конфликтите на Балканот, а може и да ги интензивира, што не е од полза како за нашите две држави, така и за целиот регион“, порачува Гаши.
Прашан дали е можен сојуз меѓу Косово и Албанија, тој вели дека станува збор за две независни држави и дека тој не може да прогнозира што и кога би решиле тие. Сепак, додава дека тоа прашање не се однесува на Албанците во Македонија.
„Што се однесува до Албанците во Северна Македонија, сметам дека тоа прашање не се однесува на нас. Ние како Албанци тука имаме свој дневен ред. Сакаме таа држава да биде функционална, да биде успешна, да биде рамноправна за сите. Ние да се гледаме во таа држава и освен дел од НАТО, да бидеме дел и од ЕУ и да го завршиме, најпосле, тој процес на интеграција и дезинтеграција, кој трае веќе 30-40 години. Крајно време е да станеме нормални држави, да зборуваме за здравство, за образование, за наука, за добрососедски односи и да се грижиме еднакво за сите граѓани, без оглед на нивната религиска или етничка припадност. Сметаме дека само на тој начин и државата, и регионот, би напредувале“, вели лидерот на Алтернатива за БГНЕС.