„Имам информација кога ќе стигнат првите 3 илјади вакцини, ама како да ја кажам… А ако не стигнат?“, малку и на шега, видно расположен поради убавиот пролетен ден, одговори денеска премиерот Зоран Заев, прашан кога може да се очекуваат вакцините, било кои.
Сепак, тој се охрабри:
„Во недела ги очекуваме трите илјади (од руската вакцина) да дојдат преку DHL. Министерот се организира со амбасадорот да ги пречека и потоа да бидат пуштени во промет. А потоа, останатите 97 илјади остануваат за следната и после таа недела“, најави Заев.
Тој повтори дека 21 илјада вакцини од Фајзер се потврдени до крајот на месецот со конечен договор, но соопшти и дека стигнала информација и од Ковакс механизмот – дека до крајот на првиот квартал, односно до крајот на март, ќе стигнат првите вакцини. Како што рече премиерот, се работи за количина веројатно меѓу 20 и 30 илјади. Според тоа, оцени, масовната вакцинација, според предвидениот план, ќе почне во март.
Заев соопшти и дека има нови понуди од АстраЗенека, поради стабилните количини на вакцини во моментов, за што денеска ќе разговара со британски претставници од највисоко, во обид да се обезбедат и тие вакцини за најмногу 7 до 10 дена.
Заев увери дека се прават сите напори за обезбедување вакцини против ковид и дека на тоа работат, покрај него и министерот за здравство, и министерот за надворешни работи, министерот за европски прашања и други.
„Верувам дека во многу брзо време оваа – со право – летаргија којашто се јавува во општеството (околу вакцините) ќе биде отстранета и ќе продолжи вакцинацијата“, рече премиерот.