Заев ја предизвика опозицијата и си обезбеди помирни три месеци власт

Со неочекуван потег, денеска премиерот Зоран Заев ги стави на тест тврдењата на опозицијата дека власта го загубила парламентарното мнозинство, а со тоа и најавите за интерпелација. Повикувајќи се на член 93 став 1 од Уставот и член 217 став 2 од Деловниот на Собранието, тој самиот побара пратениците да ѝ гласаат не/доверба на Владата.

„Ред е да се соочиме и расчистиме. Да го видиме на дело толку долго време најавувано, наводно мнозинство на опозицијата. Ова е момент кога ќе покажеме колку има вистина во најавата за мнозинство на опозицијата. Покрај сите обиди за опструкции и блокади, граѓаните секој ден се изложени на лажни вести за некое ново и непостојно мнозинство, нова нестабилност. Тоа е само поради внатрепартиски цели на ВМРО-ДПМНЕ, а со цел да се претстави поинаква перцепција на граѓаните. Вистината е најсилното оружје. Парламентарното мнозинство, јас, владата и коалицијата, нема да дозволиме неизвесност, сопки, блокади и опструкции“, образложи Заев.

Како што посочи и тој, според членот 93 од Уставот, Владата има право да постави прашање за доверба во Собранието, а членот 217, покрај можноста Собранието да гласа за не/доверба на Владата по писмен предлог на 20 пратеници, нуди можност тоа да го покрене и претседателот на Владата усно, при што се гласа без расправа, на истата седница.

На ваквиот потег на Заев, реагираше опозицијата. Никола Мицевски (координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ), го пофали за храброста да го стави владиното мнозинство на тест, но му замери што тоа не го сторил по членот 214 став 3, според кој би имало тридневна расправа за гласањето на не/доверба на Владата. Според Мицевски, со ваквиот чекор Заев побегнал од тоа опозицијата, од собраниска говорница, да ги каже сите аномалии на Владата и да аргументира зошто таа не ја заслужува довербата, како и од тоа да се зборува за сите коруптивни скандали. Според ВМРО-ДПМНЕ, моментот е избран и за да се искористи тоа што Мицкоски е во изолација поради Ковид-19, а кој, како што велат, „секојдневно го окрупнувал опозицискиот блок против Заев“.

„Граѓаните знаат што правите. Се повикувате на 217 став 2 каде што при усно доставување на Владата, што морам да потенцирам дека е прв пат во историјата во Република Македонија да се случи ова, избегнувате дебата, транспарентност со пратениците, со јавноста, и пред сѐ граѓаните на Република Македонија кои што добро знаат оваа Влада на кој начин работи. Жалам што немавте храброст“, истакна Мицевски, по што опозицијата ја напушти седницата.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

„Јас сум прв премиер кој бара доверба на Владата од осамостојувањето на нашата земја. Тоа е грижа за институциите, граѓаните, стопанството. Шест месеци како ја добив честа да ја водам оваа Влада. Шест месеци опозицијата вели дека ќе ја падне оваа влада. Најавија постапки за недоверба на Владата, а за сега да не се присутни кога јас го отворам прашањето за доверба на Владата“, образложуваше премиерот Заев (иако се гласа без расправа, според членот 217 тој може да се обрати) по паузата што ја даде спикерот Талат Џафери за да го извести претседателот на државата (како што предвидува деловникот во ваков случај) дека ќе се гласа доверба на Владата.

„Дозволете сите да ги потсетиме граѓаните на оваа држава зошто е формирано ова парламентарно мнозинство. Затоа што граѓаните го направија својот избор на изборите. Врз основа на довербата на граѓаните беше формирано мнозинство. Ред е да се соочиме и расчистиме и да видиме на дело тоа наводно, долго најавувано мнозинство на опозицијата, кое ќе ја паднело владата. Ние не сме и никогаш нема да бидеме партија која мнозинството во Собранието ги обезбедува со меници издадени од Груевски. Нашата единствена меница е довербата на граѓаните на изборите“, рече Заев, посочувајќи ја опозицијата како кочничар на низа реформи.

Потегот на Заев на крајот се покажа успешен. Пратениците, со 62 гласа „за“ и без ниту еден „против“, ѝ изгласаа доверба на Владата. Одлуката беше поздравена со аплауз од пратениците од владејачкото мнозинство.

Освен што ги поби тврдењата на опозицијата дека власта веќе нема мнозинство во парламентот и ги пресретна нејзините најави за поднесување интерпелација, Заев си обезбеди и значително помирни три месеци. Имено, според членот 92 од Уставот, доколку на Владата ѝ биде изгласана доверба, тоа прашање не може да се постави во наредните 90 дена.

Доколку Заев не ја добиеше довербата, во рок од 24 часа целата Влада ќе требаше да поднесе оставка.

- Реклама -