„Немам информација дали Сашо Мијалков контактирал со епидемиолози или претставници на Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, рече министерот за здравство Венко Филипче денеска на „Табановце“, одговарајќи на новинарско прашање дали вчера на поранешниот шеф на УБК обвинет во „Таргет-Тврдина“ му бил направен ПЦР тест и дали Филипче ќе побара да се утврди дали во Македонија има „нов сој на коронавирусот кој трае 40 часа“ (како симптомите на Мијалков).
Филипче, случајно или намерно (затоа што не е негов ресор) избегнувајќи да коментира конкретно за сомнителното образложение на Мијалков, се осврна на научниот аспект на прашањето:
„Во делот на соевите, односно мутациите, сега во овој момент се прави една анализа на една серија во лабораторијата во МАНУ… утрово разговарав со професорот којшто ја води лабораторијата, веројатно резултатите ќе ги имаме следната недела… со цел да се види колкав процент од вкупно дијагностицираните практично се должи на британскиот сој на вирусот. Последната анализа укажа на тоа дека е некаде околу 50%… и тоа беше зголемување во однос на оние 20%-тина претходно… и тоа е доказ дека сѐ повеќе го има овој британски сој на вирусот. Ние во последните неколку денови гледаме и зголемување на бројот на позитивни од вкупниот број на направени тестови. Во овој момент, со епидемиолозите и дел од членовите на Комисијата за заразни болести, се прават анализи дали може да се утврди на што се должи тоа. Иницијалниот впечаток е дека е можно да се должи и на британскиот сој, меѓутоа и на генерално непочитување на мерките во делот на собирите. Еве, времето е убаво, сведоци сме дека сѐ повеќе луѓе надвор има коишто не ги почитуваат мерките. Во таа смисла, за евентуални дополнителни мерки ќе разговараме во периодот којшто е пред нас“.
На потпрашање дали постојат сознанија дека еден пациент може да се разболи во тек на три месеци, со оглед дека Мијалков оздраве на 3-ти ноември, Филипче објасни:
„Има публикации за случаи на реинфекција. И тие случаи на реинфекција, ако е тоа прашањето, сега се анализираат и се прават студии дали можеби овој полесно пренослив сој на британскиот вирус може да е во некоја форма и поголем ризик. Тоа во делот на науката сѐ уште не е точно утврдено. Сѐ уште се публикациите во однос на некои специфични случаи коишто не се правило. Значи, конкретно сѐ уште науката не дала одговор на ова прашање“.
На повтореното прашање дали е можно Мијалков повторно да се разболел за три месеци, Филипче додаде:
„Ние видовме многу сценарија во овој изминат период, без разлика на типот и мутацијата на вирусот од којашто биле пациентите афектирани; Видовме луѓе коишто се практично асимптоматски, луѓе коишто имаат лесна форма на болеста, луѓе коишто имаат тешка форма на болеста, за жал луѓе коишто починаа лекувани идентично како оние што имаа тешка форма на болеста, имаме луѓе коишто имаат голема количина на антитела по прележувањето на болеста, луѓе кај коишто не се детектираат антитела по детекцијата на вирусот, понатаму антитела коишто штитат и антитела коишто не штитат. Сѐ уште многу работи во врска со вирусот се непознати и сега се прават анализи и испитувања“, рече министерот, без да допушти да му се провлече и најмала насмевка.