Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал – Вилма Русковска, ја отфрла можноста дека Сашо Мијалков имал помош од некој во редовите на оваа институција, кој го предупредил за притворот. Во изјава за ТВ „Сител“, Русковска вели дека само таа и уште двајца знаеле за притворот:
„Не постои таква можност, затоа што првата информација која јас ја испратив до МВР ја пишував сама во кабинет во попладневните часови во сабота и немаше никој на работа освен јас. Вчера, во неделата, дојдоа само колегите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов со веќе изготвен предлог до судот за определување мерка притвор, на кои се ставија печати. Така да, освен нас тројца во неделата, не знаеше никој. Апсолутно ја исклучувам можноста дека информацијата протекла од Обвинителството“, рече Русковска.
Денеска, во соопштение до јавноста, од Јавното обвинителство рекоа дека првите индиции дека можеби се подготвува бегство МВР ги споделило со нив во 23:00 часот во саботата. Во неделата утрото бил изготвен предлогот за определување на притвор, а точно на пладне, во 12 часот, обвинителството го најавило предлогот до Основниот кривичен суд – Скопје и МВР, со цел, како што велат, да обезбеди услови за прием. Во 14:30 часот обвинителите се упатиле во Основниот кривичен суд, а во 15:00 часот предлогот е примен од судот и со решение на истиот му е изречен притвор на Мијалков. Решението од страна на обвинителството е примено во 18:45 часот, а до тој момент, обвинителите биле известувани од надлежни лица во МВР дека имаат визуелен контакт со Мијалков и дека тој не е избеган. Вечерта во 21:20 часот, Обвинителството било известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, а во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден.
Во соопштението, обвинителството исто така наведе и дека смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело“.
Како што објави „Телма“, инаку, во 14 часот Мијалков бил во кафулето „Дистрикт“ во рамките на хотелот „Мериот“, заедно со Ивица Коневски. Според „Телма“, последен пат Мијалков е виден во 14:30, како излегува од хотелот, односно во исто време кога обвинителите го упатиле барањето до Кривичниот суд.
Денеска беше распишана национална потерница по поранешниот шеф на УБК, но МВР најави дека ќе бара и меѓународна. Од Кривичниот суд потоа соопштија дека експресно го прифатиле барањето. Во меѓувреме МВР го ажурираше и официјалниот вебсајт, во делот на „Потраги и исчезнати лица“. Сега и таму стои дека Мијалков се бара со меѓународна потерница.